Фото: Игор Бансколиев

Додека лидерите на политичките партии лицитираат со предлози и аргументи за датумот за одржување на одложените парламентарни избори, правните експерти ги спротивставија своите аргументи во однос на важноста на владините уредби, како и за роковите за спроведување односно распишување на изборите. Нашиот весник направи сублимиран пресек на различните правни тврдењата, про и контра, во однос на ова прашање

Различните правни толкувања за уставно-законските прописи за формата на продолжување на изборните активности и рокови по завршувањето на вонредната состојба, се чини како топката повторно да ја префрлаат на теренот на политиката. Или со други зборови, прашањето за владините уредби, роковите за изборите и кога тие се сметаат за распишани се претвора во правно-политичка рашомонијада, на различни мислења и толкувања. Нашиот весник направи сублимиран пресек на правните тврдењата, про и контра, во однос на ова прашање.

Дејството на некои уредби трае и по завршувањето на вонредната состојба

Според министерска за правда, Рената Дескоска, уредбите со законска сила може да регулираат и дејства што би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки, кои ќе имаат правно дејство и по завршувањето на вонредната состојба, а тоа се однесува и на мандатот на ДИК.
– Укажувам дека Уставниот суд веќе се изјасни за времетраењето на уредбите со законска сила. Одлучувајќи да ја отфрли иницијативата за уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, Уставниот суд оправдано прифати дека не е неуставно уредбите со законска сила да може да регулираат и дејства што би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки што ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба – напиша министерката на свој профил на социјалните мрежи.
Ваквиот став на Уставниот суд, додава таа, е особено значаен за многу од мерките што беа преземени за справување, особено со економските последици од епидемијата на ковид-19, бидејќи е јасно дека е неопходно тие да имаат правно дејство и по завршувањето на вонредната состојба, сѐ до свикување на Собранието, кое ќе може да ги регулира овие прашања со свои акти.

И професорот Љубомир Фрчкоски ја застапува тезата дека уредбите со законска сила продолжуваат да важат, со обврска да бидат верификувани од Собранието.
– Важењето на уредбите со законска сила трае и понатаму, со обврска Собранието да ги верифицира кога ќе биде во состав, тоа значи новиот состав. Некои од нив ќе бидат потврдени како делови на закон, некои ќе бидат вклопени во други закони, трети на кои им изминал рокот на траење може да бидат укинати, а некои можат да бидат и поништени – смета професорот Фрчкоски.

По престанок на вонредната состојба, важноста на уредбите ја потврдува Собранието

Сепак постои и поинакво гледиште за времетраењето на важноста на уредбите со законска сила, донесени од Владата за време на вонредна состојба. Според мислењето на МАНУ, пак, дејството на уредбите со законска сила што ги донесува Владата, може да продолжи и по завршување на вонредната состојба, единствено доколку ги потврди Собранието.

– Уредбите, вклучувајќи ги и тие со кои е предвидено продолжено траење на нивното дејство, мораат со прогласувањето на престанување на вонредната состојба да подлежат на потврдување од страна на Собранието, кое со посебен закон треба да уреди дали тоа дејство продолжува и да предвиди отстранување на нивните последици настапени врз основа на поединечни правни акти, евентуални компензации итн. – пишува во резимето на МАНУ.
Но стапицата од специфичната политичка ситуација, која ја затекна земјата со прогласување на вонредната состојба поради пандемија, е што Собранието е самораспуштено.

– Со престанување на вонредната состојба, би требало Собранието да ги преземе работите од законодавната материја, но тоа сега не функционира. Кога ќе се конституира парламентот тогаш ќе ја цени законитоста на уредбите со законска сила, но со оглед на околностите тоа е неизвесно и сега се наоѓаме во своевиден правен ќор-сокак во однос на наоѓање начин за законско продолжување на изборните активности. Таквата состојба наметнува проблемот да се врати онаму каде што е создаден – кај политичарите. Најразумно е политичарите да постигнат договор за датумот за одржување на изборите, ако е потребно и со посредство на меѓународната заедница, и потоа формалноправно да се регулира таквиот договор – смета Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Професорката по уставно право, Татјана Каракамишева-Јовановска, истакнува дека ДИК не смее да дозволи примена на неуставни и незаконски уредби.
– Владата арбитрарно и своеволно го ограничува остварувањето на избирачкото право на граѓаните што е суштествена повреда на материјалното право, и поради тој правен факт може да се оспорат законитоста и уставноста на изборниот процес. Едновремено, Владата ги оневозможува граѓаните, кои во меѓувреме навршиле 18 години, да го остварат правото утврдено во чл. 23 од Уставот, да се кандидираат за вршење на јавната функција – пратеник. ДИК не смее да дозволи примена на вакви неуставни и незаконски уредби. ДИК е должен да се грижи за законитоста на изборните и да го почитува Изборниот законик. Во спротивно, ако влезе во владината спирала на незаконитост и самата комисија ќе биде кривично одговорна поради повреда на законитоста и на уставно загарантираните права на граѓаните – вели професорката Каракамишева-Јовановска

Во однос на процедурата за активирање на изборниот процес, професорот по управно право, Борче Давитковски, цени дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да ја измени својата одлука за одржување избори на 12 април и со тој акт да го одреди денот на одржување на изборите. Претседателот на самораспуштеното Собрание, Џафери, во своите изјави наведува дека тоа ќе го стори откако ќе биде постигнат политички договор.


Може ли Венецијанската комисија да пресече

Постојат одредени размислувања во Македонија за решение за излез од правниот јазол поврзан со изборите, да се побара од Венецијанската комисија, т.е. Европската комисија за демократија преку право, орган на Советот на Европа. Оваа комисија го давала своето мислење за повеќе закони (односно за нивната усогласеност со европското право и човековите права) во Македонија, кои биле причина за политички тензии во земјата. Сепак, мислењето на правниците од земјава е дека немаме доволно време во оваа ситуација за да се чека мислењето на Венецијанската комисија. Според професорката Татјана Каракамишева-Јовановска, до неодамна и самата членка на Комисијата, но и на уставниот судија Трендафил Ивановски, оваа европска правна институција се воздржува од коментирање прашања со политичка проблематика, но и работи на процена на законски документи по барање од државите. Тие ценат дека уредбите со законска сила донесени за време на вонредната состојба можат да бидат испратени до Венецијанската комисија, но оцената нема да биде донесена веднаш.


ДИК чека одлука од Џафери

Според претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, од денот на престанок на вонредната состојба сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба…
– Јас нема да учествувам во незаконити дејства – изјави претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, по завршувањето на вонредната состојба


Избори на 15 јули?

Во текот на вчерашниот ден (15 јуни) лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција објави дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, разговарале и се договориле за избори на 15 јули. Притоа, тој кажа дека очекува Мицкоски јавно да излезе и да потврди дека прифаќа избори на 15 јули. Кога претседателот на ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе го потврди договорот, се очекува од претседателот Стево Пендаровски да прогласи уште една вонредна состојба за усогласување на датумот, а потоа да почнат да течат формалноправните процедури за продолжување на изборните активности, како и да се утврдат здравствените протоколи и времетраењето на изборниот ден.