Роберт Левандовски

ФУДБАЛ

По дискусиите во рамките на Европските спортски медиуми (ЕСМ), беше решено да се продолжи со рангирањето за „златната копачка“ за најдобриот стрелец во домашните фудбалски првенства во Европа сезонава, и покрај паузата поради пандемијата на коронавирусот, објави германскиот весник „Кикер“ на својата интернет-страница.
За првиот стрелец на Бундес-лигата, Полјакот Роберт Левандовски, тоа значи дека во моментов е на првото место, со 60 поени од 30-те гола сезонава за лидерот на германскиот шампионат и актуелен првак Баерн (во најдобрите шест првенства головите се множат со коефициент два, во следните на таа листа со 1,5, а преостанатите со коефициент еден).

Од најсилните пет лиги во Европа (Англија, Франција, Германија, Италија и Шпанија), во моментов се игра само во германската Бундес-лига, каде што нови поени освоија Тимо Вернер од Лајпциг (сега е трет со 50 поени), Ерлинг Холанд (четврти со 44 поени) и Џејдон Санчо (11-ти со 34 поени) од Борусија Дортмунд итн.
Наскоро треба да продолжат сезоните во Англија, Шпанија и во Италија, а во Франција е прогласен крај на сезоната. Осум фудбалери од врвот на ранг-листата за „златната копачка“ сезонава играат во некое од најсилните пет првенства во Европа. Наградата во претходните три сезони ја освои Лионел Меси од Барселона.