Претседателот, Стево Пендаровски, оствари телефонски разговор со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Од неговиот Кабинет, информираат дека претседателот Пендаровски во разговорот изразил жалење што поради пандемијата на ковид-19 не се реализирала неговата посета на Ватикан по повод чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и не била остварена планираната меѓусебна средба.
– Во телефонскиот разговор беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светиот Престол, кои се пријателски и се базираат врз значајни историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции – се наведува во соопштението на претседателскиот кабинет.
Двајцата соговорници размениле и информации за актуелната состојба поврзана со пандемијата на ковид-19.
Пендаровски притоа оддал признание за улогата на папата Франциск во охрабрување на луѓето и нациите и поттикнувањето на солидарноста како клучен елемент за заедничка борба против пандемијата и последиците од неа.