Една од платформите поставена во Охридско Езеро, која беше отстранета кон крајот на септември минатата година, односно по летната сезона во Охрид, а е лоцирана на плажата Канео, сега повторно е поставена на истото место. Од неа, беа извадени само штиците, но не и металната конструкција. Пред почетокот на овогодинешната туристичка сезона, платформата е повторно наместена на истото место каде што беше. Ваквиот потег создаде револт кај жителите на Охрид, но и еколошките здруженија.
Од „Охрид СОС“, вината за ова ја гледаат кај општина Охрид и Владата, за кои сметаат дека ја лажат јавноста, но и УНЕСКО со наводно воспоставување на ред во градот.
– Привремено демонтирана, пред новата летна сезона, полека се подготвува инфраструктурата за нови потенцијални гости. Бидејќи профитот е побитен од природното и културно светско наследство. Некој ги посоветувал привремено да ги отстранат штиците од металните конструкции пред доаѓањето на Реактивната мисија на UNESCO. Секоја штица е обележана со број, знаејќи дека штом мисијата ќе замине, за брзо ќе си се вратат на старото место. Тоа и се случи – реагираат од „Охрид СОС“.
Платформата на плажата Канео беше отстранета при спроведена акција од страна на Општина Охрид за рушење на дивоизградени платформи во езерото на потегот од „Ј’но“.