Работодавачите што ќе користат помош за исплата на плати три месеци не смеат да отпуштат работници. Ваква измена на уредбата за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување донесе Владата денеска на седница.
Оттука информираат дека исклучок од ова ќе има во оправдани услови кои се дефинирани во законот за работни односи, како пензионирање или откажување на договор од страна на работникот, но не повеќе од утврдениот процент.
– Се утврдува дека работодавачот кој ќе користи мерка за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, не смее да го намали бројот на вработени во април 2020 година, како и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец август 2020 година), освен во оправдани услови дефинирани во законот за работни односи, како пензионирање или откажување на договор од страна на работникот, но не повеќе од утврдениот процент – информираат од Владата.
Со оваа измена, како што информираат од Владата, ќе се обезбеди усогласеност со Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено–економската криза предизвикана од коронавирусот ковид-19, заради исплата на платите, односно со неа се предвидува можноста најпогодените сектори (угостителството, туризмот, транспортот) да користат и друг вид на поддршка предвидена освен со оваа уредба.