Мадона на бившиот сопруг, режисерот Гај Ричи, морала да му плати 80 милиони евра, Кевин Костнер на својата поранешна сопруга ѝ дал 74, Стивен Спилберг половина од богатството ѝ дал на Ејми Ирвинг, додека Мел Гибсон неверството го чинело 170 милиони евра
Колку тежок умее да биде разводот знаат сите што некогаш се заколнале на вечна љубов, но по извесно време тоа станало само мртво слово на хартија. Но кога притоа имате и многу пари, разводот може и финансиски да ве заболи.
Некои од познатите брачни двојки од светот на шоу-бизнисот не ни сонувале дека нивното раскинување ќе влезе во историјата на најскапите разводи.
Американската поп-дива Мадона и филмскиот режисер Гај Ричи влезот во брачните води го прославиле во 2000 година, во еден шкотски замок. Режисерот и пејачката минале заедно осум години, а во бракот го добиле синот Роко и го посвоиле Дејвид, момченце од Малави. Кога одлучиле да се разведат, тоа бил еден од позначајните настани во светот на филмот и на музиката. Богатството на Мадона, кое во тој момент изнесувало 300 милиони евра, значително се намалило, бидејќи таа на бившиот сопруг морала да му исплати 80 милиони евра.
Венчавката на младиот и амбициозен актер Мел Гибсон и скромната стоматолошка асистентка Робин Мур се случила во јуни 1980 г. Една година подоцна се родила нивната ќерка Хана, а потоа добиле уште шест деца. Нивниот брак не бил совршен, но Робин успевала да ги толерира неверствата на сопругот речиси 30 години. Сѐ додека не се појавила Русинката Оксана Григориева, речиси двојно помлада од Гибсон. Робин не можела да премине преку оваа афера, побарала развод и половина од банковната сметка на човекот со кого има седум деца. Така, Мел Гибсон морал да се откаже од 170 милиони евра, ни и од апсолутната сопственост и евентуалниот профит од приватниот остров, кој денес мора да го дели со некогашната сопруга. Славниот актер и режисер не останал само без парите и сопругата, туку наскоро бурно се разделил и со младата Оксана.
Славниот Арнолд Шварценегер жената на својот живот ја запознал уште во 1977 година. Тоа била Марија Шрајвер, американска новинарка и публицистка, позната и по фактот дека е членка на семејството Кенеди, поточно внука на американскиот претседател Џон Кенеди. Нејзината врска со Арнолд била крунисана со брак во април 1986 година. Двојката добила четири деца, две ќерки и два сина, кои се строго воспитувани. Морале да стануваат наутро во 6 часот, а ако не ги собереле играчките, тие завршувале во каминот. Две недели по прославата на сребрената свадба Арнолд најавил дека сака развод. Причината бил неговиот вонбрачен, десетгодишен син што го добил со домашната помошничка. За утеха, Марија добила половина од имотот на бившиот гувернер на Калифорнија, или околу 225 милиони евра.
Канадскиот филмски творец, сценарист и продуцент Џејмс Камерон, кој освои 11 „оскари“ со филмот „Титаник“ и почна нова 3Д-ера во филмското творештво со серијалот „Аватар“, се женел дури пет пати. Приказните за неговиот однос кон жените се збунувачки, а браковите му биле краткотрајни. Најголема корист од венчавката имала Линда Хамилтон, која во „Терминатор“ ја играше Сара Конор. Љубовта меѓу нив се родила во текот на снимањето на првиот дел од серијата, иако тогаш Џејмс сѐ уште бил во брак со Кетрин Бигелов. Веднаш по премиерата на „Терминатор“, Линда се преселила кај режисерот, а на 15 февруари 1993 година се родила нивната ќерка Џозефин. Четири години подоцна двојката се венчала, но наскоро Џејмс повторно се вљубил. Линда во 1999 година поднела барање за развод и успеала да земе половина од приходот од филмовите што ги снимил Камерон, поточно 40 милиони евра.
Трикратниот добитник на „оскар“, познатиот холивудски режисер, сценарист, продуцент и монтажер Стивен Спилберг ја запознал својата прва жена, глумицата Ејми Ирвинг, во 1976 година и ѝ предложил улога во филмот „Индијана Џонс“. Но Ејми ја одбила понудата и така ја пропуштила шансата да биде дел од светската филмска историја. Но по извесно време Ејми и Стивен почнале да излегуваат заедно, а се венчале во 1985 година. Нивниот брак траел само четири години. Иако Спилберг направил предбрачен договор, Ејми успеала да го собори и режисерот морал да се откаже од половина од своето богатство, односно од 92 милиони евра.
Американскиот глумец Кевин Костнер многу скапо го платил своето неверство. На сопругата Синди Силва, која ја знаел уште до детството и со која бил во брак и имал три деца, морал да ѝ исплати 74 милиони евра. Можеби тоа не е превисока цена, ако се знае дека токму Синди го издржувала семејството работејќи како стјуардеса, додека нејзиниот сопруг градел актерска кариера.