Набргу откако Рејчел Ли ќе се разбуди насабајле, таа го вклучува компјутерот и почнува да пребарува по севернокорејските весници, телевизиските емитувања, академски списанија и опскурни интернет-страници поврзани со тајновитата нација, пишува „Фајненшл тајмс“.
Во пропагандната проза исполнета со разни слогани, слики од состаноците во политбирото, воените паради, лидерските собири, државните празници и погреби, таа ги анализира информациите барајќи еден клучен траг – кој се доближува до лидерот Ким Јонг-ун.
Напорното истражување кое аналитичарката за Северна Кореја го спроведува во изминатите 20 години за владата на САД, тинк-тенковите и медиумите, е од клучно значење за помагање на разузнавачките служби и на дипломатите, за да проценат кој би можел да стекнува или губи влијание во водството на Северна Кореја.
– Колку поблиску сте до центарот… толку сте поважни – вели Ли.
Но, ограничувањата за надворешниот увид во активностите на Пјонгјанг станаа забележливи со отсуството на Ким Јонг-ун. Непотврдените информациите за неговите животно загрозувачки здравствени проблеми покренаа глобални шпекулации и страв од нестабилност во нуклеарно вооружената држава.
Поранешните аналитичари на американската влада сметаат дека Ким не е мртов, но уште се обидуваат да дознаат од какви здравствени проблеми тој страда.
– Имам причина да мислам дека никој не знае што се случува, вклучувајќи го американското разузнавање – посочува Ли.
Су Ми Тери, поранешна аналитичарка на ЦИА која ги брифираше американските претседатели Џорџ В. Буш и Барак Обама за Северна Кореја, вели дека ја претпочитала пресретнатата комуникација кога имала задача да пребарува низ илјадниците информации за Северна Кореја кои и биле доставени. Но дури и во таков случај, таа беше сомничава оти можеби и потуриле дезинформации, ако Севернокорејците се сомневале дека САД прислушкува.
– Верувајте ми, властите во САД не знаат што се случува. И не само Американците. Тоа важи за целиот свет. Постои причина зошто никој не знаеше што се случува во изминатите 48 часа, а ние го дознавме само тоа што Севернокорејците одлучија да ни го соопштат – истакна Тери, која се потпираше на прислушувањето, сателитските снимки и на информациите од малкумината Севернокорејци кои работеа за ЦИА.
Структурните поделби во политичкиот апарат на Пјонгјанг дополнително ги ограничуваат информациите поврзани со државниот врв.
– Бирократите не разговараат меѓусебно. Ким прави „чистки“ на стотици луѓе. Постојано врши промени, па никој не знае на кого може да му верува. Тајновитоста е начин на опстанок – вели Јунг Пак, уште една поранешна аналитичарка на ЦИА.
Тае Јонг Хо, поранешен севернокорејски дипломат во Европа, се сомнева дека дури и Пекинг, кој има поблиски врски со Пјонгјанг, има информации за здравјето на Ким.
– Тоа е ситуација со која не се запознаени дури ниту водечките официјални лица, со исклучок на сопругата на Ким, Ри Сол-ју – вели Тае.
Сега кога отстуство на Ким го насочува вниманието кон неговата сестра Ким Јо-јонг, разузнавачите остануваат во мрак.
– Не знаеме што се случува бидејќи режимот на Ким не сака луѓето да знаат – заклучува Пак.