Лила Арсова со најмладите читатели

Од бележникот на писателката Лила Арсова

Многу одамна во некоја далечна земја владеела некоја многу страшна болест. Секој ден сѐ повеќе луѓе и животни заболувале и ретко кој можел да се излекува. На крајот на едно село имало една мала куќичка со дрвена вратничка, а во неа живеела една мајка со својата ќерка. Таткото одамна бил заминат некаде далеку да заработи пари, па тие со години го немале видено ниту пак слушнале некој глас од него. Страшната болест се вселила и во нивниот дом. Мајката тешко се разболела и легнала во постела. Девојчето се грижело за својата мајка, но здравјето на мајката секојдневно се влошувало. Девојчето било загрижено и исплашено. Едно утро мајката посакала од девојчето да ѝ донесе да касне цреши.

Девојчето се плашело да ја остави мајка си сама така болна, но многу сакала да ѝ ја исполни желбата. Ја ставила големата бела шамија околу своето мало главче, ја зела старата плетена кошница и тргнала да најде цреши. Долго време одело девојчето низ шумските полиња барајќи цреши, но никаде не можело да најде. Се оддалечило многу од својот дом. Погледнувало насекаде и си велело:
– Уште малку и ќе најдам цреши за мама.
Ноќта одамна се спуштила, само месечината го осветлувала патот по кој сѐ уште одело девојчето. Не го чувствувало ни уморот ни гладот, единствено желбата да најде цреши ја водела напред. Преморено, изгладнето, седнало и се потпрело до стеблото на некое старо дрво и веднаш заспало.

Кога се разбудило со првите сончеви зраци, уплашено погледнало околу себе да види каде се наоѓа. Сакало да ја земе кошницата за да го продолжи својот пат, но се зачудило кога видело дека кошницата е полна со румени и бели зрели цреши, а на крајот од кошницата стоело едно малечко шарено пиленце. Пресреќно што во кошницата има цреши девојчето ја зело и побрзало да го најде патот и да се врати кај својата мајка.
Скоро цел ден одело девојчето назад до својот дом. Многу било жедно, гладно и уморно, но сепак продолжило да оди, за да стигне што побрзо дома. Пиленцето цело време останало да стои на кошницата. Месечината веќе го спуштила својот сребрен фенер, кога девојчето стигнало до својот дом. Ја отворило старата дрвена врата и ја видело својата мајка како спие на креветот. Помислило дека можеби не спие.
– Можеби веќе заминала на небото додека ме немаше – цврсто држејќи ја кошницата со своите две малечки раце.

Од самата помисла дека ја изгубило својата мајка, почнале солзи да ѝ течат низ малото лице. Солзите капеле од нејзиното лице во кошницата со цреши, па шареното пиленце излетало и застанало на прозорецот на нивната куќичка, а тоа девојчето не го ни забележало. Сѐ повеќе неизмерна болка и тага го стегале нејзиното мало срце. Одеднаш шареното мало пиленце запеало песна дотогаш нечуена од никого.
Нејзината мајка ги отворила очите, но била толку изнемоштена, што не можела да проговори. Само ја подала раката кон својата ќерка.

Чудна светлина блеснала во кошницата со цреши. Како поточе се слевале солзите низ нејзиното лице кога видела дека нејзината мајка ги отворила очите. Во тој миг кога солза ќе допрела до некоја од црешите се обвиткувала околу црешата и се претворала во сјајна ѕвездичка. Една по една ѕвездичките полетувале кон небото и останале и до денес таму да треперат, како што треперело срцето на малечкото девојче од страв дека ќе ја изгуби својата мајка.