Владата на Србија донесе одлука за забрана за движење која ќе почне од четврток, 30 април, во 18 часот, а ќе трае до понеделник, 4 мај, во 5 часот наутро.
Одлуката за подолг полициски час е донесена поради празникот 1 мај и има за цел да ги намали социјалните контакти.
Исто така, донесена е одлука граѓаните постари од 65 години да можат од понеделеник, 27 април, секој ден да излегуваат по еден час во периодот од 18 часот до 1 часот по полноќ, најмногу 600 метри од местото на живеење. Продавниците за најстарите граѓани ќе бидат отворени во четврток од 4 до 7 часот наутро.
Во Србија се потврдени 8.042 случаи на коронавирус, а бројот на починати е 156. Излекувани се 1.182 лица.