Атина – Грчките власти ставија во карантин хотел во кој се сместени 470 баратели на азил, од кои 150 се позитивни на тестовите за коронавирус. Полицијата е пред хотелот во селото Краниди на Пелопонез. Со болнички преглед било откриено дека бремена жена од Сомалија била заразена со вирусот. (ЕРТ)

Белград – Близок соработник на српскиот патријарх Иринеј е позитивен на коронавирусот и хоспитализиран во болницата во Земун. Според српските медиуми, станува збор за поп, кој служел велигденска литургија во храмот „Свети Сава“ во Белград. На неделната литургија таму присуствувале десетици верници, а попот сам се пријавил кај надлежните откако ги почувствувал првите симптоми. („Нова С“)

Тирана – Европската Унија ѝ донира 20.000 теста на Албанија за ковид-19, информира амбасадорот на мисијата во ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца. Сореца во објава на Фејсбук наведува дека овие тестови се заради поквалитетна анализа и додава дека „ЕУ стои покрај Албанија“. Од почетокот на март, па досега се тестирани 6.017 сомнителни случаи на ковид-19. („Либертас“)


Бисер балкански

Епидемиологот контра тенисерот

– Јас морам да кажам дека сум еден од најверните навивачи на Ѓоковиќ. Овде сум на нашиот велемајстор да му посакам сѐ најдобро. Го советувам едноставно да не зборува за вакцинирање. Жалам што немав можност да имам некое влијание врз него и да му објаснам дека имунизацијата е нешто што зачувало многу животи и нешто што претставува основа на здравјето на ова население – рече епидемиологот Предраг Кон, по повод изјавата на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ дека е лично против вакцинирање против коронавирусот.
Изјавата на Ѓоковиќ предизвика многу коментари, а тенисерот издаде и соопштение во кое даде дообјаснување на својата изјава дека „вакцината, која ќе биде со минимални нуспојави, е најдоброто решение и заштита од заразни болести“.