Црна гора
Националното координационо тело за заразни болести даде согласност за ублажување на поединечни привремени мерки, кои се воведени заради заштита на здравјето и луѓето во Црна Гора.
– За жителите на Општина Тузи, која беше ставена под карантин, се укинуваат посебните мерки од досегашната забрана. За сите нив важат препораките од Националното координационо тело. Граѓаните можат да патуваат од Тузи во Подгорица, затоа што Подгорица, Тузи и Даниловград се водат како една целина – соопштија од Владата на Црна Гора.
Претседателот на црногорската влада Душко Марковиќ побара од надлежните институции да подготват прецизен план за ублажување на донесените мерки во повеќе фази во текот на наредните 45 дена, почнувајќи од неделава.
– Постигнавме завидни резултати во справувањето со епидемијата на коронавирусот. Остануваме доследни на задачата за заштита на здравјето на граѓаните. Црна Гора мора да продолжи со својот економски и општествен живот – изјави Марковиќ.