Подобро е да се игра зад затворени врати отколку да не се игра воопшто. Во вакви тешки времиња тоа би донело среќа кај луѓето и одредено чувство за нормалност дури и ако натпреварите можe да се гледаат само на телевизија. Ако се почитуваат мерките за безбедност и ако надлежните даваат дозвола, тренинзите може да продолжат. За мечевите ќе биде потребна дополнителна согласност, вели Чеферин во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“

ФУДБАЛ – АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Словенецот Александер Чеферин, изјави дека лигите во Европа се подготвени да ги продолжат натпреварите зад затворени врати, во обид да се ограничат штетите предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Првиот човек на УЕФА смета дека играњето би било важен чекор кон враќање во нормалниот живот и избегнување поголеми финансиски загуби за лигите.
– Верувам дека има опции што можe да ни овозможат да ги рестартираме и да ги завршиме првенствата. Можеби треба да продолжиме без гледачи, но најважно е да се играат натпревари. Рано е да се каже дека не можеме да ја завршиме сезоната.

Последиците би биле страшни за клубовите и за лигите. Подобро е да се игра зад затворени врати отколку да не се игра воопшто. Во вакви тешки времиња тоа би донело среќа кај луѓето и одредено чувство за нормалност, дури и ако натпреварите можe да се гледаат само на телевизија. Ако се почитуваат мерките за безбедност и ако надлежните даваат дозвола, тренинзите може да продолжат. За натпреварите ќе биде потребна дополнителна согласност – рекол Чеферин во интервјуто за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Чеферин додаде дека доколку лигите продолжат „доволно брзо“, тогаш натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) би можеле „да се играат паралелно“, без ограничувања во врска со датумите за финалињата.
Чеферин вели дека не би било добро сезоната да се оддолжи до септември или до октомври, бидејќи тоа „ќе има големо влијание“ врз сезоната 2020/2021.

– Можеме да ги завршиме натпреварувањата, но мора да ги почитуваме одлуките на властите. Приоритет е здравјето на навивачите, на играчите и на тренерите – вели тој.
Што се однесува до земјите што решија да не ја завршат сезоната (Белгија и Шкотска), Чеферин рече дека УЕФА „ќе ги разгледа случаите“.
– Ваквите одлуки не беа донесени сами. Фудбалот е меѓусебно поврзан, видовме колку е важно за УЕФА и за лигите заеднички да соработуваат. Извршниот комитет ќе ги разгледа тие случаи. Лигите се основата на приходите за клубовите на национално ниво. Доколку завршат, финансиските последици ќе бидат помали. Од друга страна, УЕФА ќе загуби многу пари поради одложувањето на ЕП 2020 – додаде Чеферин.