Група граѓани коишто се сместени во карантин во студентскиот центар Бјелаве во Сараево започнале штрајк со глад, откако и по две недели не им било дозволено да одат дома.

Во изјава за медиумите тие велат дека се во карантин веќе 16 дена и дека никој сè уште не им се обратил, и покрај повиците и апелите од надлежните, а меѓу луѓето кои штрајкуваат со глад имало и семејства со деца.
       
– Никој не дојде ниту пак нѐ повика. Има луѓе кои не се тестирани. Ние сме тука 16 дена. Некои дури и одбија храна во неделата, а околу 50 од нас штрајкуваат со глад од изутринава. Проблемот е во тоа што овој карантин ми влијаеше на работата. Не можам да им исплатам плата на работниците – вели Зерин Нуркановиќ, кој се вратил од Шведска.
       
Мајка на две деца, од кои едното е петмесечно бебе, исто така се приклучила на штрајкот со глад.
       
– Штрајкувам без оглед на тоа што го дојам бебето. Јас сум многу исцрпена и не спијам четири часа на ден. Се наоѓаме во една просторија, децата спијат во различно време и ретко можам да се одморам. И физички и психички неможам повеќе – вели таа.
       
Граѓаните кои се вратија во БиХ беа сместени во домот во Бјелаве, а надлежните инспекции издадоа решение дека мора да поминат 28 дена во карантин.