Припадниците на полицијата од денеска ќе имаат можност да ги унапредуваат своите вештини во новиот објект за тактички вежви-куќа за пукање, во полицискиот комплекс во Ѓорче Петров. Објектот е донација на Владата на САД во визнос од 900 илјади долари.
Објектот го отворија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли кој потенцираше дека овој објект за тактички вежби е наменет да им помогне на професионалците за спроведување на законот во Македонија за тие подобро да им служат на граѓаните.
Министерот Спасовски изрази благодарност за соработката и пријателството со претставниците на Меѓународната програма за обука и помош при вршење кривични истраги (ИЦИТАП) и Европската Команда (ЕУКОМ) и нагласи дека САД и Македонија имаат многу полиња на заеднички интерес и меѓусебна поддршка.
– Едно од клучните полиња на поддршка се обуките и донирањето на опрема кои се насочени кон засилување на професионалните капацитети на полицијата. Нашите досегашните заеднички ангажмани претставуваат одличен пример за искрена соработка и пријателство – рече Спасовски.
Куќата за пукање е изградена од челична конструкција, има приземје и подрум, а обезбедена е и платформа за визуелно набљудување. Во куќата ќе има 50-тина камери кои ќе ги снимаат вежбите при што во посебен објект во непосредна близина ќе бидат разгледувани и оценувани.