Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека криминалот во Германија расте поради мигрантската политика на Берлин и ги оспори официјалните податоци, кои го говорат спротивното.
Трамп денеска на Твитер повторно напиша дека „криминалот во Германија порасна за повеќе од 10 проценти (одговорните лица не сакаат да ги пребројат овие кривични дела), поради прифаќање мигранти “.
– Во други држави е уште полошо, додаде Трамп и ја повика Америка да не тргнува по тој пат, во момент, кога во САД се разгорува полемиката поради одделувањето на повеќе од 2.300 малолетни мигранти од нивните родители без документи.
Критиката на Трамп за миграциската политика на Германија, доаѓа во момент на поделеност на владата на Ангела Меркел околу тоа прашање.
Во 2017 година, германската полиција регистрирала 5.761.984 кривични дела, што претставува намалување во споредба со 2016 година кога бројката изнесувала 6.537.748.
Во извештајот објавен на почетокот од мај германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, го поздрави фактот дека бројот на физички напади врз луѓе или имот во 2017 година достигна „историско најниско ниво од 1992 година”.