Угостителите и хотелиерите кои беа први на удар од корона-кризата се жалат дека мерките за државна помош за месеците април и мај за нив не се доволни затоа што со значително намален капацитет работеле од крајот на февруари.
Голем дел самоиницијативно ги затвориле локалите уште на почетокот на март, пред да биде прогласена вонредната состојба, па сега се мачат да исплатат плати на вработените.
– Уште кога беше потврдена првата заразена со коронавирус, на 26 февруари, кај нас работата буквално се пресече. Работевме уште една недела, но никој не стапнуваше во ресторанот и беше неисплатливо да продолжиме со работа. Се обидовме и само преку шалтер да работиме, по нарачки, но во денот добивавме дали по една до две нарачки и одлучивме целосно да затвориме. Сега сите сме дома и за сите треба да се обезбедат и плати, барем минимални, но и да се платат придонеси. Во оваа ситуација сериозно размислуваме да отпуштиме дел од вработените, има колеги кои веќе и го направија тоа, неиздржливо е финансиски да ги платиме сите вработени. Имаме некои средства на сметка, но не можеме да си дозволиме целосно да ја испразниме. Никој ниту нам ни плаќа од заостанатите долгови ниту, пак, ние можеме да ги исплатиме долговите кои веќе се направени оти работата прекина – вели сопственик на скопски ресторан.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денес ја исклучи можноста за дополнителна помош за угостителите и хотелиерите кои треба да исплатат плати за март. Тој посочи дека овој проблем сите засегнати можат да го решат со бескаматни кредити и нагласи дека сите треба да бидат подготвени да изгубат по малку наместо да ја користат кризата за да добијат нешто.
– Има одредени компании во туризмот и угостителството кои десетина дена од март не работеа, но такви се условите, здравјето е пред сè. Наместо профитот на прво место го ставивме животот на нашите граѓани, побитно е да спасиме еден живот отколку што било друго. За овие компании понудивме кредити со 0 проценти камата за да исплатат плати. Сега е моментот да дадат од својот профит и да го покријат овој период. На крајот и на хотелите сега им е оставена економска активност, имаме сместено луѓе во државен карантин во хотелите, дел од средствата ќе им легнат и по оваа намена. Сите бараат сè, компаниите од една страна, работниците од друга страна, а наше е да направиме сè да помогнеме сите заедно да се одржиме и да останеме најмалку повредени – рече премиерот Спасовски одговарајќи на новинарско прашање дали е можна дополнителна помош за погодените компании за исплата на мартовските плати.
Спасовски ги повика работодавачите да бидат солидарни и да помогнат работниците да ги зачуваат работните места.
Според него нема драстичен, број луѓе отпуштени од работа, флуктуацијата била нормална и освен одјавени работници имало и нововработени.
Мерката кафулињата да работат со скратено работно време, односно до 18 часот беше донесена на 12 март, а два дена подоцна, на 14 март, Владата одлучи кафулињата и рестораните целосно да затворат за да се спречи ширењето на кронавирусот.