За темата за евтиниот леб во Србија се молчи, затоа што го одразува нивото на сиромаштија во земјата
Владата на Србија е подготвена да ја разгледа можноста за намалување на цената на горивата, пред сѐ на дизелот, доколку престанат блокадите на сообраќајниците во повеќе градови. Една од опциите е да се намалат акцизите на нафтата што е наменета за земјоделците, а сегашната цена би се намалила за пет динари, објави „Вечерње новости“, повикувајќи се на извори од Владата на Република Србија.
Ова сценарио го најави и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој рече дека може да има корекција на цената на дизелот затоа што тоа е важно за земјоделството. Тој нагласи дека горивото е поскапо во 26 земји на Европа, а за протестите се поттикнати од опозицијата. Вучиќ пред новинарите ги бранеше потезите на српската влада, а посебно го истакна фактот дека граѓаните во Србија плаќаат најниска цена за струја и за леб.
– БиХ има за 70 отсто повисока цена на лебот, а исто и Црна Гора и Македонија. Зошто сите молчат за цената на лебот? Струјата и да ја поскапиме за 20 отсто, би била најевтина во Србија – изјави Вучиќ.
Како одговор за ниската цена на лебот, „Данас“ објави текст во кој се наведува дека честитките за тоа треба да се упатат кон земјоделците и ограничувањата што се применуваат заради зачувување на социјалниот мир во земјата. Со години државата преку државните резерви влијае на ниската откупна цена на пченицата, а пекарите имаат обврска на пазарот да испорачаат одредено количество „народен леб“ по цена од 45 динари.
Сепак, како што пишува весникот, за темата за евтиниот леб во Србија се молчи, затоа што го одразува нивото на сиромаштија. За тоа сведочи и податокот што едно просечно семејство во Србија за храна издвојува 34,5 отсто од вкупниот приход, додека просекот во земјите од ЕУ е 12,2 отсто. Загрижува податокот дека сѐ помал број семејства имаат пари за исхрана, така што лебот учествува со најголем дел од семејниот буџет, или со пет отсто од вкупните приходи.
Просечната потрошувачка на леб во Србија е 117 векни за секој член на домаќинството, а во соседна Хрватска, која има слични стандарди и навики со српското семејство, изнесува 61,3 кг. Во другите земји во Европа годишно се трошат од 30 до 40 килограми леб по домаќинство. Сличен е односот и во потрошувачката на месо. Србите трошат во просек по 41,3 кг, а во Хрватска 20 кг повеќе. Нивото на сиромаштија се огледа и преку потрошувачката на млекото, која во Србија е во опаѓање и изнесува 49,4 литри по член на семејство, во Хрватска изнесува 66,2, а просекот во ЕУ е 90 литри.
– Големата потрошувачка на лебот и неговата ниска цена не се одраз на високиот стандард. Преку цената на лебот се прекршуваат социјалните и политичките прашања. Точно е дека кај нас се одржува ниска цена со години, но тоа се однесува само на еден вид леб, кој секоја пекарница мора да го испорача во количество од 30 отсто од вкупното производство. Последната година цената на пченицата на светските берзи бележи пад, односно од 27 до 28 динари за килограм, оваа сезона се одржува на ниво од 18 динари. Тоа ѝ овозможува на државата да обезбеди ниска цена на лебот. Протеинските извори во исхраната, како месото и млекото, се помалку достапни за населението во Србија поради ниската куповна моќ. Државата е принудена да го одржува социјалниот мир и таа падна на испитот – вели агроекономистот Милан Простран.