Почина Џек Велч, поранешниот извршен директор на „Џенерал електрик“, кој компанијата ја направи една од најголемите во светот. Тој имаше 84 години, а причина за смртта била откажување на бубрезите.
Откако стана најмладиот извршен директор во историјата на „Џенерал електрик“, тој ја водеше компанијата 20 години, а за време на неговото владеење, акциите на компанијата пораснаа речиси за 3.000 проценти. Во 1999 г., „Џенерал електрик“ стана најголемата светска компанија за пазарна вредност, која во тоа време вредела повеќе од 500 милијарди американски долари. Следствено на тоа, истата година магазинот „Форчн“ го нарече менаџер на векот.
За време на своето владеење, Велч ја направи „Џенерал електрик“ многу повеќе од индустриски гигант, благодарение на големиот број аквизиции и проширувањето на својата деловна активност во финансиски и консултантски услуги. Покрај тоа, како што пишува „Блумберг“, тој ја основал и „Џенерал електрик Капитал банк“.
– Тој стана златен стандард за генијалност, икона на индустриската имагинација. Она што успеа да го достигне во текот на две децении на управување со „Џенерал електрик“ е реткост – рече Џефри Соненфелс, професор на престижниот американски универзитет „Јејл“, кој го познава Велч уште од 1980-тите години.
Тој беше познат по својата нетрпеливост и постојаното намалување на трошоците и работните места (отпуштил десетици илјади работници за време на неговата кариера), а бизнисмените секогаш му се восхитувале на неговата способност да ги зголеми заработката на компанијата и пазарната вредност. Поради оваа причина, многумина ги копирале неговите стратегии за лидерство, меѓу кои и В. Џејмс Мекнерни Јуниор, кој седеше на чело на „Боинг“, како и Роберт Нардели, кој управуваше со „Хоум депот“ и „Крајслер“.