Вашингтон – Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, извојува убедлива победа на внатрешните избори на Демократската партија за избор на кандидат за претседател во Јужна Каролина, благодарејќи на големата поддршка од афроамериканските гласачи. Демократите избираат кандидат што ќе му се спротивстави на претседателот Доналд Трамп на претседателските избори во ноември. Според 96 отсто од преброените гласови, Бајден добил поддршка од 48,7 отсто од гласачите, додека сенаторот од Вермонт Берни Сандерс 19,9 отсто, а милијардерот Том Стајер 11,4 отсто пренесе Би-би-си.
Прага – Поранешен муслимански верски лидер Самер Шехаде, кој живеел во Прага е осуден на 10 години затвор поради финансирање и помагање тероризам. Тој беше обвинет дека им помогнал на неговиот брат, а подоцна и на снаата да отпатуваат во Сирија за да се приклучат на терористичка група. Покрај имамот, во овој случај беа обвинети уште две лица, кои добиле казна затвор од 11 и 6 години, но ним им се судеше во отсуство.
Дамаск – Сириската војска го прогласи воздушниот простор над северозападниот дел на земјата за затворен за авиони и беспилотни летала, предупредувајќи дека ќе го сруши секое летало што ќе ја прекрши забраната за летање, јавија вчера државните медиуми, пренесе агенцијата „Ројтерс“. Одлуката на сириската војска доаѓа откако турската агенција „Анадолија“ претходно објави дека еден авион на сириската влада бил соборен во северозападниот дел на провинцијата Идлиб.Во меѓувреме, државните медиуми објавија дека во текот на викендот во северозападната провинција во Сирија имало жестоки борби меѓу бунтовниците поддржани од Турција, со сириските сили.
Пекинг – Кинеските власти вчера изутрината пријавија нови 35 смртни случаи од коронавирусот, со што вкупниот број починати достигна 2.870. Како што пренесува Би-би-си, во Кина деновиве биле пријавени 573 нови заразени, со што бројот на заразени достигна 79.824. Скоро сите нови случаи се во централната кинеска провинција Хубеи, од каде што почна епидемијата во декември.