Германските фејсбук-корисници би сакале интернет-платформата да им плати приближно 8 долари месечно за да може да ги споделува нивните информации, додека, пак, Американците за истата намена би се согласиле да се пазарат со интернет-платформата за само 3,5 долари. Ова се некои од наодите на светско истражување поврзано за интернет-услугите, кое неодамна било спроведено во шест држави од страна на американскиот Институт за технологија и политика (ТПИ). Британскиот весник „Гардијан“ на оваа тема информира дека анкетата била извршена во САД, Германија, Мексико, Бразил, Колумбија и во Аргентина. Весникот пишува дека истражувањето покажало дека германските граѓани се оние што барале најмногу пари од социјалната мрежа за споделување на своите информации.
– Оваа интернет-платформа, според податоците на истражувањето, би требало на луѓето од државите да им плати 8,44 долари за да ги сподели нивните банкарски информации, 7,56 долари за да ги објави нивните отпечатоци, 6,05 долари за објава на лични текстови од секаква природа и 5,58 долари за да се споделат информации за финансиски трансакции – пишува „Гардијан“.
Дополнително, анализата покажала дека во просек корисниците на социјалната мрежа побарале да добијат и 1,82 долар во оној момент кога ќе биде споделена нивната локација.
Истражувањето во дел од своите заклучоци стигнало до констатација дека компаниите што се занимаваат со маркетинг, од технолошките платформи прибирале информации поврзани со финансии. Британскиот медиум во својот осврт на случувањата, информира и дека периодов во САД се актуелни изработките на федералните закони со кои ќе се регулира легислативата поврзана со оваа тематика.