Американскиот специјален пратеник за помирување Залмај Халилзад (лево) и коосновачот на талибанци Мула Абдул Гани Бардар го потпишуваат мировниот договор во Доха

Соединетите Американски Држави потпишаа историски договор со талибанците, чија цел е да му се стави крај на конфликтот во Авганистан. Договорот, кој беше потпишан викендов во Доха, Катар, меѓу американскиот специјален пратеник за помирување во Авганистан Залмај Халилзад и коосновачот на талибанци Мула Абдул Гани Бардар, меѓу другото, предвидува распоред за повлекување на американските војници од Авганистан по повеќе од 18 години војна, во замена за различни безбедносни обврски од бунтовниците и ветувања дека ќе водат разговори со Владата во Кабул. Доколку талибанците го исполнат ветувањето, сите американски трупи, според документот, ќе се повлечат за 14 месеци, јавува Би-би-би. Сепак британскиот медиум оценува дека американските, авганистанските и талибанските официјални претставници сѐ уште внимаваат саботниот договор од Доха да го нарекуваат „мировен“, бидејќи иако во Авганистан има чувство на претпазлив оптимизам во однос на договорот, примирјето сѐ уште е кревко и чувствително.

Според западните аналитичари, како што пренесува Би-би-си, војната во Авганистан со години е во ќор-сокак. Тоа е така бидејќи талибанците сѐ повеќе контролираат голема територија и во исто време се обидуваат да ги освојат поголемите урбани центри. Ваквата поставеност на работите на терен се чини дека наметнува дилеми колку и дали сите страни во повеќедеценискиот конфликт ќе можат и се способни да издвојат целосна воена победа, односно дали ќе се придржуваат кон мировниот договор. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп беше јасен во врска со неговата заложба и желба да ги повлече американските трупи од земјата. Една од клучните отстапки што ги дозволи Владата на САД изминатиот период, всушност, беше можноста да се водат преговорите меѓу талибанците и авганистанската влада, која, пак, бунтовниците на почетоците ја отфрлаа како нелегитимна.

Иако договорот внесе позитивни реакции кај западните експерти, во исто време сепак постојат и низа можни пречки, кои можат да му наштетат на мировниот процес. Едни од пречките се и барањата на талибанците да им се ослободат околу 5.000 нивни затвореници од затворите на авганистанските власти, што за авганистанската влада во овој момент е неприфатливо, бидејќи доколку се случи тоа овие притвореници можат да бидат причина за ново нарушување на безбедносната состојба во земјата. Дополнително, засега сѐ уште не е јасно колку американски војници ќе останат, доколку мирот се одвива според договореното. Во исто време, Вашингтон неколкупати сигнализираше да ги повлечат сите свои сили во рок од 14 месеци, доколку талибанците ја исполнат својата страна од договорот, што, според некои експерти, во овој момент е опасно бидејќи со таквиот чекор веднаш би можело да се вратат насилството и теророт во земјата. Инаку, американскиот државен секретар Мајк Помпео и талибанските водачи присуствуваа на церемонијата за потпишување, која се одржа викендов. Помпео по потпишувањето на договорот изјави дека Авганистанците треба да живеат во мир и просперитет, со почит за правата на жените, додека САД мораат да бидат уверени дека нема да има терористички закани од земјата. Зборувајќи во Кабул, американскиот секретар за одбрана Марк Еспер истакна дека САД нема да се колебаат да го поништат договорот доколку талибанците не се придржуваат до него.


Авганистанскиот претседател одби
да ги ослободи талибанските затвореници

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани го отфрли барањето на талибанците за ослободување 5.000 затвореници, како предуслов за нивните преговори со авганистанската влада и цивилните власти, што беше вклучено во договорот меѓу САД и талибанците, потпишан викендов. Неговите зборови доаѓаат во време кога се гледаат сите тешкотии со кои американските преговарачи ќе се соочат во обидот да ги насочат авганистанските власти и талибанците кон преговори, оценуваат западни дипломати, пренесува Би-би-си. Претседателот Гани за новинарите во Кабул, еден ден откако во Катар беше потпишан договорот за започнување на постапката што треба да резултира во политичко решение што ќе му стави крај на најдолгиот американски воен ангажман, изјави дека авганистанската влада не се обврзува да ослободи 5.000 талибански затвореници. Според договорот меѓу САД и талибанците, до 10 март треба да бидат ослободени до 5.000 затворени талибанци во замена за до 1.000 Авганистанци.