Прашањето за автокефалниот статус на Македонската православна црква-Охридска архиепископија треба да биде решено преку дијалог со Српската православна црква и со сеправославна поддршка, односно со консензус од сите православни цркви. Ова е еден од заклучоците што ги донеле четворицата поглавари на православните цркви на одржаниот собор во јорданскиот главен град Аман.
Оваа средба беше замислена како „братски собор“ на поглаварите на помесните православни цркви, за да се бара решение за одлуката на Вселенската патријаршија да ѝ издаде томос за автокефалност на Православната црква во Украина. Идејата потекна од Москва кон крајот на минатата година.
Колку заклучоците на овие поглавари ќе имаат обврзувачка важност и колку тие ќе влијаат на решавањето на прашањето за МПЦ е дилемата што се наметнува по оваа средба?
Само тројца поглавари на православните цркви допатуваа на средбата во Аман, Јордан, која ја свика ерусалимскиот патријарх Теофил. Покрај домаќинот Теофил, во Јордан се само уште рускиот патријарх Кирил и српскиот патријарх Иринеј, како и архиепископот на црквата за Чешка и Словачка, Ростислав. На ниво на црковни делегации се присутни уште две цркви, како Романската патријаршија и Полската црква. Сите други православни цркви го откажаа учеството на оваа средба. Бранко Ѓорѓевски, познавачот на состојбите во православниот свет, смета дека најголем губитник по средбата во Аман е Руската православна црква, прво поради фактот што таму беа малцинство од православните цркви, а тоа значи дека не се успеало во намерата да се придобие мнозинство за фронт против Вселенската патријаршија.
– Второ, и самото соопштение има поблаг тон и отсуствува острината што се очекуваше во односот на вселенскиот патријарх што се упатуваше од Москва, Белград. Ако на средбата имаше мнозинство православни цркви, сигурен сум дека и соопштението ќе беше поодлучно. Веројатно Руската православна црква видела дека со толкави сили не може да тргне во создавање нова платформа за некој нов панправославен синод што го најавува рускиот митрополит Иларион Алефеев, под формално раководство на Ерусалимската патријаршија, но под големо влијание на црковна Москва и без Вселенската патријаршија – посочува Ѓорѓевски.
Според него, заклучокот од оваа средба за македонското црковно прашање бил очекуван.
– Тоа, заедно со црногорскиот проблем, беше и еден од условите за доаѓањето на српската црковна делегација на средбата. По ова, извесно е дека СПЦ нема да прифати да дојде на средба во Цариград што ја иницира вселенскиот патријарх. Ова не треба да нѐ обесхрабрува, бидејќи се работи за ставот на малцинството на православните цркви. Клучно сега е однесувањето на Цариградската патријаршија, а таа ќе биде охрабрена од фактот дека не се успеа во намерата да се направи фронт против неа. Освен тоа, таа го виде и однесувањето на СПЦ и на чии позиции таа застанала. Тоа сигурно ќе се има предвид од вселенскиот патријарх – нагласува аналитичарот. Вселенскиот патријарх на почетокот на годината, по средбата со македонската државна делегација во седиштето на Вселенската патријаршија, одлучи да се поканат претставници од Српската православна црква и од МПЦ-ОА, во насока на советување и обид за наоѓање заедничко прифатливо решение меѓу двете страни.
Последна црква во православието што доби томос за автокефалност беше Православната црква во Украина минатата година. Досега неа ја признаа Александриската патријаршија и Грчката православна црква.
Поделбите во православниот свет се навестуваа уште со Соборот во Крит, одржан во 2016 година кога претставниците на Руската црква не се појавија, заедно со уште неколку цркви. Главната причина беше токму прашањето за автокефалноста, кое не се најде на дневен ред. РПЦ инсистираше дека томосот за автокефалност треба да го потпишуваат сите поглавари на автокефални цркви, додека, пак, ВП имаше став дека томосот го потпишува вселенскиот патријарх, а би се согласил со ставот дека преостанатите поглавари го сопотпишуваат. Овој собор практично беше навестување на ова што се случува сега во православието.