Земја: САД
Сојузна држава: Калифорнија
Висина на водопадот: 619 метри
Секој февруари илјадници туристи се собираат во американскиот национален парк Јосемити за да ја видат глетката од која застанува здивот. Ова место во Калифорнија, во планините на Сиера Невада, е еден од најпосетуваните паркови, а наедно претставува и необичен природен феномен, наречен огнениот водопад Хорсетаил.
Тој се јавува повремено, кога врне дожд или кога снегот се топи на Ел Капитано, гранитна карпа висока еден километар. Тогаш, од околу 619 метри, околу 14 февруари, сончевите зраци паѓаат на водопадот под таков агол што се одбиваат од гранитот зад него, давајќи ѝ на водата црвена боја, што создава илузија дека низ карпата тече огнена лава. Овој природен феномен трае околу две недели, приближно до 1 март.
Со години било момент на среќа да се најдете во вистинското време на ова место, сѐ додека фотографот и инженер Арон Мејерс не осмислил компјутерска програма за мерење на аголот под кој свети сонцето. На тој начин успеал да предвиди дека 22 февруари е најсоодветниот датум за набљудување на водопадите, објави магазинот УНИЛАД.
Лани, дури 2.000 луѓе на тој ден отишле да ги видат и фотографираат огнените водопади. Службата на националниот парк Јосемити одлучила годинава да го ограничи пристапот, колку-толку да ја заштити животната средина, вклучувајќи ги локалната вегетација и реката Мерцед, која тече низ паркот.
На нивната страница на Интернет се наведува дека туристите минатата година зад себе оставиле купишта смет, како и дека немањето јавен тоалет предизвикало несоодветни санитарни услови.