Според обработените податоци за 100-отстотното органско земјиште, вклучувајќи пасишта и ливади, може да се забележи дека домашното органско земјоделство со само 0,35 отсто од вкупното земјоделско производство е далеку под просекот на ЕУ, кој изнесува 7,5 отсто
Немањето техничко знаење, соодветни препарати, сертифицирани семиња, како и пристап до пазарите е главна причини поради која Македонија е последна во Европа за органско земјоделство, а тоа го потврдија и статистичките податоци за органско земјоделство за 2018 година на Евростат.
Според обработените податоци за 100-отстотното органско земјиште, вклучувајќи пасишта и ливади, може да се забележи дека домашното органско земјоделство со само 0,35 отсто од вкупното земјоделско производство е далеку под просекот на ЕУ кој изнесува 7,5 отсто.
– Органското производство во Македонија е сè уште неразвиено, бидејќи нема техничко знаење за вакво производство, кое е значително покомплицирано од класичното производство. Покрај тоа, друг фактор е и немањето каде би се пласирале овие производи. Имено, цената на органските производи е двојно повисока и затоа доколку нема обезбедено пазар, тоа е целосно неисплатливо – вели Никола Деребанов од „Перминдекс“ ДООЕЛ Градско.
Според него, во земјава тешко дека ќе дојде до развој на овој вид производство доколку не се обезбедат пазар и кадар што би бил технички оспособен за ваква дејност.
– Ако цената на домат добиен со класично производство чини меѓу 30 и 40 денари за килограм, доматот произведен органски ќе чини двојно повеќе, бидејќи и препаратите што се користат за заштита се многу поскапи, но и лимитирани. Поради тие причини, органскиот производ многу тешко ќе се продаде. Кај нас има индивидуални земјоделци што се занимаваат со органско производство, но се премногу мали да ги понудат своите производи на странските пазари, а од друга страна, пак, не се здружуваат и со тоа како самостојни производители не се конкурентни.
И професорот Љупчо Михајлов од Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има слично мислење, притоа истакнувајќи дека државата има потенцијал за развој на органското производство.
– Можности има. Постои и стратегија за развој на органското производство, која е многу добро напишана, но проблем е што таа во практиката не се применува. Дополнителен проблем е што нема репроматеријали, нема сертифицирани семиња за органски производи, а нема ниту биопрепарати со кои би се третирале овој вид производи – вели Михајлов.
Според него, треба да има постојана едукација на населението, но и на производителите за органското производство.
– Мора да се врши континуирана промоција на органското производство. Во таа насока, позитивен чекор е субвенционирањето на настапот на македонски органски производители на саем во Германија – додава Михајлов.
И додека во Европската Унија органското производство бележи континуиран раст, кај нас е евидентирано намалување. Во 2014 година биле регистрирани 0,79 отсто, во 2015 година 0,17 отсто, во 2016 година 0,26 отсто и во 2017 година 0,25 проценти.
Според Државниот завод за статистика (ДЗС), пак, под органско производство во 2018 година биле 3.856 хектари, што е раст од 1.000 хектари во однос на 2013 година, кога површините биле 2.866. Од вкупните површини под органско производство во 2018 година, 1.134 хектари биле фуражни култури, 1.078 хектари житни, 899 хектари индустриски, 526 хектари овошки, 219 хектари зеленчук и 110 хектари лозови насади.
Во регионот најмногу органско земјоделско земјиште има Словенија, со удел од 10,01 отсто во вкупното земјоделско земјиште, следуваат Грција со 9,32 отсто, Хрватска со 6,94 отсто, Бугарија со 2,56 отсто и Србија со 0,55 отсто.