Пет острови од северниот дел на Егејско Mоре го носат товарот на миграциската криза во име на цела Европа, рече министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис, по средбата со заменик-министерот за внатрешни работи на Германија, Хелмут Тајхман.
Митаракис, заедно со алтернативниот министер за миграција и азил, Јоргос Кумуцакос, во Берлин оствари средба со германскиот министер и разговарале за потребата да се поддржи европскиот буџет за миграциското прашање за 2020 година, како и за потребата да се заштитат границите, преку зајакнување на улогата на ФРОНТЕКС.
– Разговаравме за потребата да се планираат со ЕУ заеднички враќања, за потребата да има праведна распределба на бегалците во Европа со брзо префрлање од островите, за потребата за борба против шверцерите и прашањето за преземање активности за децата без придружба – рече Митаракис по средбата и додаде дека Германија прифатила да има активна улога во новиот центар на островот Самос.
Анархисти палат луксузни автомобили
Анархистичка група ја презеде одговорноста за запалени автомобили и граѓаните ги повика да не паркираат до луксузни возила. Анархистите објаснуваат дека нивна цел се луксузни и скапи автомобили. Тие велат дека сликата на десетици уништени возила „е слика на класната војна“ и ја уништуваат, како што пишуваат, „догмата на закон и ред што ја спроведува Владата“, а „запалените луксузни автомобили испраќаат јасна порака до Нова демократија“.
– Луксузните возила што беа масовно изгорени, вредат повеќе од 40.000 евра и се симболи на богатство и зачувување на класните привилегии на штета на сиромашните, социјално исклучените, маргинализираните во капиталистичкото општество – соопштија од „Анархистички групи на ноќни инвазии“, кои ја преземаат одговорноста за запалените возила во текот на ноќта меѓу 21 и 22 јануари 2020 година, пренесе МИА.
Во периодот меѓу 1 и 3 часот по полноќ, на 22 јануари годинава, во неколку различни населби во Атина беа запалени 18 паркирани возила.