Планинарските друштва ПСД„ Бистра“и ПЕД„ Ендорфини“ од Кичево, утре го организираат 22. Меморијален планинарски марш „Цвеќе за Рацин“, со кој ќе се одбележи 75-годишнината од смртта на големиот поет и револуционер, Коста Солев Рацин, на планината Лопушник.
Маршот ќе започне во 7,30 часот од селото Извор од каде најпрво патеката води по колски пат сè до ливадата кај Долни Лопушник, од тука учесниците на маршот ќе се движат по козја патека низ букова шума и повторно пред врвот Стог, се искачуваат по колски пат сè од самото пристигање на врвот.
На овој Меморијален марш се очекува да земат учество над 100 планинари, а покрај членовите на двете планинарски друштва од Кичево, ќе земат учество и планинари од родниот град Велес, Скопје и Прилеп.
-Во недела по 22-ри пат го организираме Меморијалниот планинарски марш „Цвеќе за Рацин“ , по повод 75 годишнината од смртта на големиот македонски деец и револуционер Коста Солев Рацин. Маршот ќе започне од селото Извор а во двата правци учесниците на маршот ќе поминат околу 25 километри.
Учесниците на маршот треба со себе да понесат соодветна облека, обувки, храна и вода. Препорака до сите учесници на маршот е да ги следат упатствата на водичите, кои имаат право на промена на термините и редоследот на искачувањето во зависност од временските и условите на теренот. Покрај членовите од планинарските друштва од нашиот град, на овој марш ќе земат учество и планинари од родниот град Велес и Прилеп кои ќе ја поминат истата патека како и локалните друштва, додека планинарите од Скопје планираат искачувањето на врвот Стог на 1.576 метри, да го изведат по друга патека, поточно нивното искачување да започне од кај каптажата во село Добреноец-истакна Сашо Божиноски,претседател на ПСД„ Бистра“ Кичево.
Инаку на минатогодишниот Меморијален планинарски марш, заедно со кичевските планинари учествуваше и познатата планинарка од Скопје , Калина Велеска, која во февруари настрада на Кајмакчалан.