Вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, заедно со дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски се сретнаа со вработени од неколку фабрики и со ученици од средни стручни училишта во Штип, во врска со најновата владина марка – младински додаток.
Како што информираат од владината прес-служба, целта на средбата била да се информираат младите лица до 23 години, како и нивните родители за надоместокот коишто им следува помладите вработени во производствената дејност.
Вицепремиерката за економски прашања Царовска посочи дека Владата во тесна соработка со организациите на работодавачи, стопанските комори, синдикатите и невладините организации креирала низа на мерки со кои се влијае на покачување на платите, развојот на компаниите и подобрување на условите за работа на работниците.
– Преку младинскиот додаток, младите лица до 23 години кои веќе работат во индустријата или планираат да работат во производството ќе добијат по 3000 денари на нивната плата на месечно ниво. Таа нема да се исплаќа преку работодавачот, туку на нивната индивидуална сметка, преку Агенцијата за вработување – изјави Царовска.
Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ истакна дека со младинскиот додаток се опфаќаат вработувања или самовработување со претежна производствена дејност или земјоделство.
– Она што ние сакаме и на што работиме е да имаме не само вработувања на младите, туку сакаме сите вие и сите ние, да имаме добро платени и квалитетни работни места. Младински додаток е токму таква мерка, со која се овозможуваат подобро платени работни места за младите луѓе – кажа Шкријељ.
За исплата на месечниот додаток од 3.000 денари за 2020 година предвидени се 160 милиони денари и истиот се очекува да го примаат околу 4.000 лица.