Повеќето експерти сметаат дека Трамп од судењето излегол само посилен, на поцврста позиција од претходно, на што веќе укажуваат резултатите од најновите анкети. На краток рок, постои голема веројатност дека демократите, кои во Сенатот едногласно го осудија Трамп за виновен, ќе се соочат со сериозни последици на изборите во ноември, на кои ќе се гласа и за испразнетите места во двата дома на Конгресот

Американскиот Сенат го ослободи претседателот Доналд Трамп од обвиненијата за злоупотреба на функцијата и попречување на конгресната истрага. Со тоа е ставен крај на битката на демократите за отповикување на шефот на Белата куќа. Сега, откако заврши процесот за импичмент на претседателот, главното прашање е како ќе влијае неговото ослободување на претседателската трка. Повеќето експерти сметаат дека Трамп од судењето излегол само посилен, на поцврста позиција од претходно, на што веќе укажуваат резултатите од најновите анкети. На краток рок, постои голема веројатност дека демократите, кои во Сенатот едногласно го осудија Трамп за виновен, ќе се соочат со сериозни последици на изборите во ноември, на кои ќе се гласа и за испразнетите места во двата дома на Конгресот, оценуваат светските медиуми.

Анкетите спроведени во вторникот покажуваат дека Трамп го има највисокиот рејтинг досега, и тоа во исто време со хаосот што настана на внатрепартиските избори на демократите во Ајова. Па, така, агенцијата „Галуп“ соопшти дека американскиот претседател ја ужива поддршката на 49 отсто од испитаниците. По ослободителната пресуда, републиканскиот лидер на Сенатот, Мич Меконел, порача дека републиканците се подготвени за реизбор на Трамп и дека се во подобра позиција отколку што беа пред почетокот на судењето за отповикување.
Ваквиот исход од импичментот во Сенатот може значително да им ги искомплицира шансите на оние демократи што се во трката за реизбор во ноември. Таков е случајот со демократскиот сенатор Даг Џонсон, кој се кандидира за реизбор во доминантно републиканската Алабама и кој гласаше за импичмент на Трамп, чин што тешко ќе биде заборавен од многу гласачи во неговата сојузна држава. Иако ваквата ситуација ги става во навистина тешка позиција, некои експерти сметаат дека демократите морале го почнат процесот за отповикување на актуелниот шеф на Белата куќа, односно дека претседателот не им оставил друг избор.

– Мораа да го сторат тоа. Имаше толку многу различни видови злоупотреба на функцијата, па, така, ќе беше срамота ако не го стореа тоа – истакнува Роберт Кутнер, професор на универзитетот „Брандис“.
Тој смета дека и покрај можните последици за демократите, целиот процес за нив има повеќе позитивни отколку негативни страни.
– Ваквиот исход ќе стави шест-седум сенатори, кои се соочуваат со реизбор во ноември, во чудна позиција, во која ќе мора на гласачите во неопределените држави, каде што има поддржувачи на Трамп, да им објаснат зошто го судеа претседателот што си замислува дека е над законот и зошто гласаа тој да биде ослободен – додава Кутнер.

Републиканските сенатори Сузан Колинс, Марта Мексели, Кори Гарднер и Јони Ернтс – кои ги претставуваат Мејн, Аризона, Колорадо и Ајова – се меѓу оние што се изложени на ризик. Сите се соочуваат со реизбор во релативно умерените држави и сите ја поддржа одлуката дека Трамп не е виновен. Сепак, како што наведува Би-би-си, политичката поделба во земјата останува речиси иста како и пред почетокот на процесот за импичмент. Во САД и понатаму има остра поделба по партиски линии.
Интересно е тоа што, судејќи според анкетите и зголемениот рејтинг на Трамп, по сѐ изгледа успеа стратегијата на Белата куќа – да го прикаже отповикувањето како уште еден пример за очајните обиди на естаблишментот во Вашингтон да го сменат претседателот, кои траат уште од почетокот на неговиот мандат. Па, така, кампањата на Трамп сигурно ќе ги искористи обвинувањата на демократите во Долниот дом на Конгресот и ослободувањето од Сенатот за дополнително да го зацврстат неговото гласачко тело, укажувајќи на корумпираноста на Демократската партија.
Сепак, дел од демократските претставници оптимистички гледаат на целата драма околу импичментот на претседателот.

– Знаевме дека тој најверојатно ќе биде ослободен. Сепак, демократите покажаа што значи право и поредок и дека никој не е над законот. Сега секој републикански сенатор ќе остане запаметен по тоа дали на прво место ја става партијата или државата, а мислам дека веќе го имаме одговорот – истакнува Кели Дитрих, долгогодишна советничка за изборни кампањи на Демократската партија.
Дитрих додава дека сега се создава одлична можност демократите да ги прикажат републиканци како „партијата на Трамп“.


Клучни пораки од судењето за импичмент

Ослободувањето на претседателот Доналд Трамп од обвиненијата во Сенатот е рефлексија на неговата популарност помеѓу републиканците. Најновите анкети покажуваат дека Трамп има рејтинг на поддршка од 94 отсто во Републиканската партија. Доколку пред судењето не беше јасно дали ја има поддршката на партијата, сега тоа сигурно е јасно. Покрај тоа, исходот од импичментот покажа дека републиканците во Сенатот имаат цврсто мнозинство од 53 сенатори, наспроти 47-те демократски сенатори, што значи дека тие го контролираат ова тело и дека можеа да ги постават условите за судењето. Истовремено, податоците покажуваат дека кампањата на Трамп успеала во последното тримесечје да собере донации од 46 милиони долари, голема сума што во најголем дел се должи на реакцијата на неговите поддржувачи на процедурата за импичмент, пренесува Би-би-си.