Канадската компанија пронајде наоѓалиште на благородни метали, во вредност од милијарди долари, во регионот на Доње Тламино, во близината на границата со Бугарија и со Македонија
Канадската истражувачка фирма „Медголд рисорсис“ ги потврди резултатите за постоење резерви на злато во Јужна Србија, кои ги најави со претходните истражувања од минатата година. Според нив, на ова подрачје се пронајдени индикатори дека се наоѓаат богати наоѓалишта на благородни метали.
Компанијата добила дозвола од Србија за истражни права на две локации: Доње Тламино и Сурлица Дукат. Двете локации се наоѓаат во непосредната близина на границата со Бугарија и со Македонија, во близината на Босилеград, на крајниот југоисток на Србија. Овој простор зафаќа површина од 100 квадратни километри.
Фирмата „Медголд рисорсис“, само на една локација, во рамките на проектот „Тламино“, пронајде околу седум милиони тони руда со околу 680.000 унци, односно 19,3 тони злато. Вредноста на златните резерви се проценува на повеќе од милијарда долари. Почетните инвестиции за отворање на рудникот би изнесувале 136 милиони долари. Годишното производство би изнесувало од 75.000 до 132.000 унци, односно најмногу 3,73 тони од овој благороден метал.
Досегашните истражувања покажуваат дека содржината на злато на оваа локација, во просек, изнесува околу три грама по тон. Според воспоставените геолошки и рударски стандарди, лежиштата со еден грам злато по тон, проследени и со други видови руда, се сметаат за профитабилни. Во рамките на овој проект, „Медголд Рисорсис“ пронајде и богат слој руда со висина од 40 метри, кој содржи 8,32 грама злато по еден тон ископ и речиси 193 грама сребро. Нивната цел е да станат водечки истражувачи на злато во Србија со генерирање истражувачки проекти, кои се во почетна фаза. По почетните позитивни траги, истражувањата продолжуваат и на други области.
Оваа канадска фирма моментално има пет одобренија за истражувачки права. Според нивните процени, овој дел од Србија не е доволно истражен. Рударските истражувања во јужниот дел на Србија почнале пред педесетина години, кога југословенските државни компании истражувале наоѓалишта на олово и цинк. Во тој период, благородните метали не биле во фокусот на рударските истражувања.
Наведената канадска компанија склучила договор за заедничко вложување со компанијата од својата земја „Фортуна силвер“, во чија сопственост се наоѓаат рудниците за злато и сребро „Сан Хозе“ во Мексико и перуанското лежиште на сребро „Каилома“, пишува „Новости“, кој ја објави и информацијата за наоѓалиштето на злато во Јужна Србија.