Прв учесник во првиот циклус на проектот „Ново име“, кој во целост е поддржуван од компанијата „ХТЛ Македонија“, а осмислен како поттик за младите таленти од нашата земја, е Сандра Туфеска (20) од Демир Хисар. Таа го обезбеди своето учество со гласовите од публика, а наедно доби и паричен надомест во износ до 2.500 евра за реализирање на своите амбиции.
– Да се стане ново име значи да се избори шанса да ги оствариш своите сништа така што некој ќе ти помогне твојот талент да процвета – велат организаторите.
Сандра Туфеска ѝ се претстави на јавноста со својата вештина за цртање портрети во техниките акрил на платно и молив на хартија. Нејзината пријава се најде помеѓу 17 други, колку што ги задоволија неопходните критериуми во текот на првиот циклус на овој проект, чија реализација започна во јануари.
– Поддршката на компанијата „ХТЛ Македонија“ ќе ја искористам за унапредување на својот талент, а кога станува збор за цртањето и уметноста воопшто, би сакала дополнително да се едуцирам – вели оваа талентирана млада девојка.
Проектот „Ново име“ ќе трае до крајот на годината.