По Нико Нестор, Атина Бојаџи и Томи Стефановски, Игор Димовски беше следниот наш маратонец што го совлада каналот Ла Манш. Како пионер освојуваше медали на првенствата на поранешна Југославија. Со 14 години, беше најмлад учесник на возобновениот Охридски маратон во 1992 година. Победник е на маратоните во Каламата и во Никити
И денес, неполни десет години откако нашиот пливачки маратонец Игор Димовски го преплива каналот Ла Манш, кај мене, како директен сведок на тој настан, се враќаат сеќавањата на големиот подвиг, но и на маките низ кои помина Игор за да го оствари својот сон. Да се пишува за спортските херои е убава работа, па затоа со задоволство се навраќам на кариерата на Димовски, кој беше четвртиот македонски пливач што го совлада каналот и на тој начин влезе во списокот на хероите, кои успеаја да им се спротивстават на немирните води на Ла Манш. Пред него, од нашите пливачки маратонци, тоа им успеа на Нико Нестор (1959 година), Атина Бојаџи (1969-та), за жал, двајцата се покојни и на Томи Стефановски (2009). Димовски една година по Томи успеа да го оствари подвигот и тоа токму на Илинден, на 2 август 2010 година. Но препливувањето на каналот беше само една попатна станица во богатата кариера.
– На шест години не само што знаев да пливам, туку почнав да учествувам во натпреварите. Тоа беа повеќе детски трки, кои, сепак, за мене беа многу значајни. Во нив ги стекнав првите искуства, кои подоцна ми беа од голема корист за оние вистински пионерски трки во кои се тркавме за медали. Меѓутоа, кога помислив дека е ова почеток на една убава кариера доживеав малер. На скијање на Пониква ја скршив ногата и за моја несреќа морав подолг период да паузирам. Но сето тоа не ме обесхрабри. Напротив, уште повеќе ме мотивира, а влегувањето во базенот откако го извадив гипсот ми доаѓаше како корисна рехабилитација. По извесно време заборавив на повредата и благодарејќи на мојот тренер во тој период Александар Коцевски-Џајо, влегов во полн тренажен процес, ја подигнав формата и продолжив да се натпреварувам – вели Игор.
ПРЕПОЗНАТЛИВ КАКО ИГОР БРЗИОТ
Влегувањето во базенот значеше нов почеток и атака на високи пласмани на првенствата на Македонија, но и во поранешната држава. На пионерското првенство на Југославија го освои првиот медал од еден сојузен натпревар во трката на 200 метри грбно.
– Специјалност ми беше грбниот стил, во кој бев брз и некако подобро се снаоѓав одошто во слободниот стил. Инаку, од двете трки во грбно, 100 и 200 метри, подобри пласмани имав на подолгата патека. Уште оттогаш како да се наsираше мојата перспектива како пливач на долги патеки, иако меѓу моите другари и тренерите бев познат како Игор Брзиот. Желбата да станам маратонец ме влечеше да одам напред и секојдневно да тренирам. Меѓутоа, бев свесен дека треба да помине еден подолг период на созревање, па дури потоа да се фрлам во разбрануваните води – вели Игор.
Настојчивата работа и резултатите му ја отворија вратата за настап на големите приредби. Така, тој забележа две учества на европските младински првенства, во Прага во 1994 година и во Лозана во 1995 година. На ова второто се пласираше во Б-финалето и на 200 метри грбно го зазеде 12-то место.
– Потоа учествував и на Универзијадата во 1997 година на Сицилија. Таму го урнав македонскиот сениорски рекорд на 200 метри грбно, 2:07,53 минути и само стотинки ме делеа од исполнувањето норма за Олимпијадата во Сиднеј. Но желбата да станам олимпиец не ми се исполни. Причини за ова има повеќе, сепак, основната е во немањето средства. Пливачката федерација како да не беше заинтересирана за мене, а моето семејство не беше толку моќно за да може да ги финансира неопходните подготовки и патувања на митинзите, на кои требаше да се брка олимписката норма – продолжи Игор.
НАЈМЛАД УЧЕСНИК НА ОХРИДСКИОТ МАРАТОН
Немањето адекватни услови за тренинг и за натпревари, не беа ништо ново. Тие се јавуваа како проблем пред и по распадот на поранешната држава. Но тоа не значеше дека Игор Димовски разочаран ќе го напушти пливањето. Напротив, тој уште на 14-годишна возраст не можеше да одолее на предизвикот и заплива на возобновениот Охридски маратон во 1992 година.
– Многумина се зачудија кога ме видоа на стартот во Свети Наум, но јас бев горд, бев најмлад учесник во трката. Бев охрабрен и од фактот што десет дена пред главниот, учествував во малиот маратон на 2,5 километри, во кој се пласирав на третото место. Тоа како да ми даде сила да се впуштам во трка со сениорите меѓу кои имаше победници на многу светски маратони. Запливав, ги минував километрите и не само што допливав до целта, туку бев осми. Од тие моменти, иако настапував на многу митинзи во трките во базен, далечинското пливање сѐ повеќе ме привлекуваше. Дефинитивно на оваа дисциплина целосно се фокусирав од 2004 година, кога во вториот настап на Охридскиот маратон го освоив 6-то место – вели Игор.
Охридскиот маратон, во кој последниот старт го имаше пред 11 години, беше еден од многуте на кои настапуваше Игор Димовски. Неговото име по онаа 2004 година го среќававме и меѓу учесниците на пливачките маратони од серијата за Светскиот куп, а и други атрактивни приредби во далечинско пливање.
– Благодарејќи на помошта што ја добивав од општината Карпош, во која тогаш градоначалник беше Стевче Јакимовски, кој како поранешен каратист имаше големо разбирање и слух за спортот, имав можност да патувам и да настапувам на повеќе маратони низ светот. Стартував и минав низ целта на атрактивните трки во реките Парана, Росарио, Виетма и Санта Фе во Јужна Америка. Од нив посебно во сеќавање ми остана маратонот во должина од 88 километри на реката Парана во Аргентина. Таму водата е црвеникава и едноставно не можеш да видиш, што има од флора и од фауна во неа. Само од кажувањето на оние пливачи, кои веќе имаа искуство и настапиле на овој маратон, можеше да се заклучи дека се наоѓаме пред големо искушение. Иако се чувствував некако поисплашено, сепак, во мене се роди верба и некоја сила, кои ме тераа храбро да влезам во неизвесната трка и да ги совладам сите стапици на Парана. А колку е таа навистина полна со „чуда“, најубаво зборува и предупредувањето од домаќините, кои ни препорачаа – не сега, туку по трката да го посетиме музејот за реката. Откако ја испочитувавме препораката и по исцрпувачкиот маратон влеговме во музејот, нѐ фати уплав кога видовме во каква вода и меѓу какви живи суштества сме пливале. Но и тоа беше едно големо и незаборавно доживување. Инаку, таму по пливање од 13 часа бев петти, зад репрезентативниот колега Евгениј Поп Ацев – вели Игор.
ПОБЕДИ ВО КАЛАМАТА И НИКИТИ
Пливањето во потопли и почисти води, иако тие некогаш се разбранувани и има многу струења, сепак, за маратонците е попријатно. Игор Димовски токму во таквите води имаше две победи.
– Триумфирав на два маратона во Грција. Прв стигнав на целта во Каламата на Пелопонез и во Никити, на вториот крак на Халкидики. На маратонот во Дубаи, пак, во 2015 година, каде што четири години работев и како инструктор го освоив второто место – вели Димовски.
Сите овие настапи беа во периодот пред и по 2010 година, во која токму на Илинден Игор Димовски го оствари својот најголем спортски сон и го преплива каналот Ла Манш. За таа одисеја, како и за успесите во триатлонот, во кој е сениорски првак на Македонија, ќе читате идната недела.
Игор Димовски
Роден: во 1978 година во Скопје
Кариера: ПK Вардар, Студент, Работнички, репрезентација на Македонија
Успеси: препливан каналот Ла Манш во 2010 година, победи на маратоните во Каламата и Никити (двата во Грција), втор во Дубаи (ОАЕ), 6. и 8. место на Охридскиот маратон, учесник на две младински европски првенства (Прага и Лозана) и на Универзијадата на Сицилија во 1997 година, државен првак на 100 и на 200 м грбно во сите конкуренции
Триатлон: сениорски првак на Македонија за 2019 година