Фото: Маја Јаневска-Илиева

Без разлика кои се и какви се коментарите и очекувањата кај различните политички кујни, не смее да се занемари или, пак, да се изостави клучниот аргумент, а тоа е легалитетот како принцип да биде водечки при одлучувањето за законот за ЈО. Во таа насока, клучната премиса е дека ни треба закон за јавно обвинителство што ќе биде во согласност со Уставот, а не да се коси со уставните одредби и начела, со што се прави атака на владеењето на правото и правната држава

Усвојувањето на измените на Законот за Јавно обвинителство, повторно се случува со изразен политички набој и напната атмосфера, веројатно, поттикната и од различните очекувања или политички интереси. Уште пред почетокот на јавната расправа во Собранието за предлог-законот, политичкиот притисок, односно брзање за усвојување, од страна на власта и меѓународната заедница е аргументиран со позицијата дека иако не е директно наведен како услов за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, сепак е добро да се донесе со што ќе се покаже волја за спроведување реформи во правосудството. Од друга страна, опозицијата има забелешки на овој предлог-закон во насока дека тој содржи скриена намера да бидат „удомени“ обвинителите од згаснатото СЈО. Во меѓувреме, и власта и опозицијата меѓусебно си реплицираат дека со своите предлози за измени во законот сакаат да се спасат од сопствениот криминал. Дополнително, тука е и временскиот притисок дека овој закон треба да го донесе актуелниот парламентарен состав, кој треба да се распушти на 12 февруари, што значи дека дотогаш треба да се спроведе забрзаната процедура во Собранието.

Сепак, без разлика кои се и какви се коментарите и очекувањата кај различните политички кујни, не смее да се занемари или, пак, да се изостави клучниот аргумент, а тоа е легалитетот како принцип да биде водечки при одлучувањето за законот. Во таа насока, клучната премиса е дека ни треба закон за Јавно обвинителство што ќе биде во согласност со Уставот, а не да се коси со негови уставни одредби и начела, на што деновиве предупредуваат некои од експертите.
– Во однос на текстот на предлог-законот, имам дилеми за одредени членови дали се во рамките на Уставот, но и самото брзање да се усвои законот со забрзана собраниска процедура веќе ја загрозува уставноста. Законот за Јавно обвинителство е системски закон, кој се усвојува со двотретинско мнозинство и не смее да се носи по скратена постапка, бидејќи така се нарушува основното уставно начело за владеење на правото. Пред Уставниот суд, а и пред Венецијанската комисија, за оценување на уставноста на одреден закон секогаш се цени и процедурата со која тој е донесен. Што се однесува до одредбите од законот, имам дилеми во поглед на позицијата што му се одредува на Обвинителството за организиран криминал, кое иако е формално во рамките на Основното јавно обвинителство, како да има овластувања на паралелно обвинителство – вели професорката по Уставно право Гордана Силјановска-Давкова.

Како и да е, без разлика на заткулисните интереси на политичките кујни за (не)итноста за носење на законот за Јавно обвинителство, сепак најважно е основниот принцип при неговото усвојување да биде легалитетот, односно законот да биде во рамките на Уставот. Претходно при носењето на законот за СЈО, за да се надмине политичката криза во Македонија, од 2015 година, се укажуваше и се предупредуваше на неуставноста на СЈО, и таквите пропусти не смее веќе да ни се повторуваат.
– И покрај предупредувањата на експертската јавност дека законот е спротивен на уставното начело на единственост на органот и неговата хиерархија, дека воспоставувањето на СЈО во системот ќе доведе до паралелизам во јавнообвинителската организација и функција, тогашната власт и опозиција останаа глуви на овие предупредувања – потсети на јавната расправа во Собранието професорката по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска.
Професорката Каракамишева-Јовановска прецизно ги наведува конкретните забелешки на предлог-законот за Јавно обвинителство, за кои таа цени дека ја нарушуваат уставноста.

– Предлогот на законот за Јавното обвинителство е спротивен на: членот 8, став 1, алинеја 1, 3 и 11, членот 9, амандманот 21 со кој се замени членот 15 од Уставот, членот 51, членот 106 и амандманот 30 од Уставот. Со оглед дека со предлогот на законот се крши Уставот на Македонија, се доведува во прашање начелото на владеење на правото, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признаени во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и почитувањето на граѓанинот признаени во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. Затоа предлагам оваа верзија на предлог-законот да биде вратена на предлагачот, за да биде квалитетно подобрена во својата содржина, и за да стане уставна – нагласува Каракамишева-Јовановска.
Од друга страна, адвокатот Александар Тортевски смета дека со сегашнава верзија на предлог-законот за Јавно обвинителство се отстрануваат сомневањата за неговата уставност, во поглед на единственоста на институцијата, што беше главната забелешка за СЈО.

– Во актуелниот предлог-закон не гледам излегување од рамките на Уставот кога станува збор за единственоста на обвинителската институција, односно не гледам паралелизам на Обвинителството за организиран криминал со Основното јавно обвинителство. Сомневањата за уставноста што беа изнесувани за СЈО, поради независноста на тоа обвинителство од ОЈО и фактичкиот паралелизам на институциите, се надминати со овој предлог-закон. Според него, државниот обвинител е шеф на обвинителот за организиран криминал, односно тоа е единствена институција со воспоставена хиерархија и субординација – вели адвокатот Александар Тортевски.

Иако законот за Јавно обвинителство е влезен во собраниска процедура, пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да гласаат за него, со што се доведува во прашање потребното двотретинско мнозинство за негово усвојување пред распуштањето на Собранието. Од друга страна, претставниците на власта и понатаму не се откажуваат од оптимизмот дека ќе го обезбедат потребното мнозинство за донесување на законот.


Забелешките ќе се имплементираат во текстот на законот

Пред јавната расправа, текстот на законот за јавно обвинителство го усогласуваа работни групи, составени од претставници на власта и од опозицијата. Иако работните групи имаа повеќе несогласувања отколку што беа усогласени, Министерството за правда го испрати предлог-законот во собраниска процедура, од кој прва фаза е јавната расправа во Комисијата за политички систем. Има најави дека некои од забелешките искажани на јавната расправа за Законот за јавно обвинителство ќе бидат имплементирани во законскиот текст. И од опозицијата очекуваат постојниот законски текст да се врати во работната група за да се вметнат забелешките на експертите. Министерката за правда Рената Дескоска во говорот пред пратениците наведе дека текстот на законот за јавното обвинителство е подготвен од работна група составена од домашни и странски експерти и е заснован врз меѓународни документи од држави со уредување слично на нашето. Основните начела по кои се водеше работната група се за воспоставување јавно обвинителство што ќе обезбеди ефикасна и независна правда.

Веќе втор ден трае јавната дебата околу законот за ЈО
Фото: Маја Јаневска-Илиева