ШОКАНТНИ СОЗНАНИЈА НА НОВИОТ ЕВРОКОМЕСАР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ

Раководството во Брисел подготвува нови законски мерки и политики за многу посилен Европол, со што истовремено подобро би се заштитиле граѓаните на државите од ЕУ од заканите од тероризмот и сите форми на криминал. Каде е Македонија во целата оваа приказна?

Европската комисија (ЕК) подготвува драфт мерки и политики со кои се надева дека ќе ги засили функцијата и дејствувањето на Европол внатре во државите-членки на Унијата. Според најавите во светските медиуми, раководството во Брисел се надева дека со посилен Европол, истовремено и подобро би се заштитиле граѓаните на државите од ЕУ од заканите од тероризмот и сите форми на криминал.

Новинскиот портал „ЕУ обзервер“ во своето последно издание на темава информира дека европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон ја истакнала потребата на Европа од посилно полициско судско меѓународно тело што ќе се грижи за безбедноста на граѓаните.

Јохансон информирала дека полициите што членуваат во Европол во моментов истражуваат околу 5.000 организирани криминални групи што дејствуваат на територијата на Европската Унија.

– Ние ќе ги подобриме ЕУ-полицијата и соработката меѓу полициските организации во размената на информации, ќе го модернизираме дејствувањето на полицијата и ќе го подобриме сетот мерки за соработка на полициите на земјите членки – изјавила Јохансон.

Во својата анализа „ЕУ обзервер“ додава дека оваа изјава на Јохансон, за нов и силен Европол, случајно или не, се поклопува и со минатонеделната голема полициска операција на припадниците на француското и холандско МВР, со која се спречи шверц на 10.000 имигранти од Блискиот Исток и Африка кон Британија.
Во меѓувреме, од македонска перспектива на настаните, како држава што се стреми да е дел од ЕУ, познавачите на случувањата велат дека секоја иницијатива и меѓународна политика со која се подобрува функционирањето на системот на правдата и безбедноста се добредојдени за Македонија.

Од друга страна, иако засилувањето на Европол како институција на Европа е добра работа, тоа, според упатените, бавно би се одвивало или на идентичен начин со процесот на градење европска армија и европски безбедносен механизам, кои индиректно сѐ уште се во сенка на дејствувањето на НАТО.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека кога се говори за Европол или, пак, за Интерпол, мора да се знае дека станува збор за меѓународни полициски структури, кои по својата големина и значење во меѓународната политика дури ја надминуваат и самата Европска комисија (ЕК).

Според него, сите зајакнувања на меѓународната полициска соработка се добри за државата и тие може да придонесат да се реализираат во практика подобро меѓународните полициски истраги за спречување тероризам, но и класичен криминал, тргување со дрога, како и спроведување операции за пронаоѓање и приведување лица барани по потерници.

Од друга страна, треба да се има на увид дека полициската работа во Европол ја вршат матичните полиции на европските државите, а канцелариите на оваа организација најчесто само посредуваат во меѓународната полициска комуникација, вели поранешниот министер на МВР.
Трајанов додава дека во поглед на тоа како би можело во иднина да се развива поголемото устоличување на Европол е тешко да се одговори, бидејќи нему му претстои голема политичка дебата за која нема консензус во мноштвото европски држави.

– Имено, процесот на зајакнување на Европол би можел да се спореди со развојот на европската безбедносна политика и формирањето армија, кои до овој момент се само сенки на НАТО и немаат посериозна димензија – вели Трајанов.
Според него, сепак подобра европска полициска соработка од актуелната би била одличен момент, со кој државата би можела полесно да се справи со сите форми на криминал и изнесување пред лицето на правдата на сите оние по кои трагаат македонските судови.

Во контекст на актуелните случувања, за обележување се информациите што велат дека Европол (Европска полициска управа) е агенција на ЕУ задолжена да собирање разузнавачки информации од областа на криминалот. Европол стана целосно оперативен на 1 јули 1999 година. Седиштето на Европол е во Хаг, Холандија, каде што работат околу 410 вработени во Европол и 90 офицери за врски со Европол. На министерскиот форум за правда и внатрешни работи на ЕУ и Западен Балкан во 2011 година, Македонија потпиша оперативен договор за размена на информации со Европол, со тоа нашата држава стана првата земја од регионот што не е членка на Унијата, но членува во оваа европска полициска организација. Преку Европол, на Македонија веќе девет години ѝ се достапни мрежите на податоци што помагаат во расветлувањето и спречувањето на меѓународните кривични дела.

[email protected]