Примопредавањето на кумството за верскиот празник Водици од старите на младите кумови, во секое село во Кичевско има свои специфики. Дефинитивно најавтентично и со најдолга традиција е во село Лавчани, каде на втор ден Водици се предава кумството со капење на младите кумови во камените корита од селските чешми.
Оваа традиција е постара од еден век и буди голем интерес како кај гостите така и кај младите жители од ова село, кои живеат во други градови и надвор од земјава.
– За верскиот празник Водици, нашето село се издвојува по автентичноста што го краси при премопредавањето на кумството од старите на младите кумови. Овој верски обичај се обавува денес на т.н.женски Водици, кога сите 17 кумови стари и млади се собираат пред селските чешми каде се врши примопредавањето на котлињата со светиот крст а со тоа и на кумството. По преземањето на кумството, младите кумови со котлето и светиот крст играат традиционални ора и пеат водичарски песни. Сите по ред влегуваат во камените корита од селските чешми каде се капат во студената вода, по што нивните пријатели и соселани ги посетуваат домовите за да им го честитаат кумството – вели Цане Ѓорѓијоски, еден од старите кумови од ова село кој минатата година како млад кум се капеше во коритата од селските чешми во Лавчани. З.А.