Вевчани два дена наликуваше на отворена театарска сцена, над 1.000 маски, повеќе од 10.000 посетители од земјава и странство и само една порака „Среќна и бериќетна Нова година“.
Повторно докажавме дека сме карневал кој може да се носи рамо до рамо со останатите светски карневали. Задоволство е да се видат своите жители, пријатели, семејството и посетителите на Вевчански карневал како уживаа во богатата музичка програма, но и во новитетите на овогодишниот карневал. Срцето ми е полно! Ние сме неуморни и единствени! На нашата креативност ѝ нема застој! Во името на Општина Вевчани и вевчанци сакам да ви ја честитам Новата година, да ви посакам здравје, бериќет и благосостојба. Ве чекаме и до година да ни дојдете во поголем број и со уште побројни маски изјави градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски.
Програмата започна на 12 јануари, со спектакуларните настапи на македонските ѕвезди Влатко Лозаноски, Ај кју, Брас брадрс и диџеј Тодороф до доцна во ноќта.
Наредниот ден, на 13 јануари, почна главното дефиле на маските низ улиците на Вевчани. Можеа да се видат невестата, младоженецот и Глупи Август како ја предводат поворката од рекордниот број маски во последните неколку години. Глупи Август со карактеристични извици и потези ги избркаа злите духови и го отвори патот за дочекот на православната Нова година на полноќ.
Вечерта македонскиот мелос ги развесели вевчанци. Дамјан Стојаноски, Татијана Стефановска и дувачкиот оркестар Веселата дружина ги кренаа на нозе присутните и со спектакуларен огномет организиран од Општина Вевчани ја дочекаа новата година. Традиционално, како и секоја година, Вевчанскиот карневал завршува со василичарското оро и палење на маските на сретсело на двете василичарски друштва, Горна и Долна маала. Со палењето на маските вевчанци веруваат дека го избркале злото и ќе имаат среќна и бериќетна година.
Подготовките за следната година вевчанци ги почнуваат уште утре. Велат дека 365 дена се доволни за во 24 часа да се претстават актуелните случувања во државата и светот на сатиричен начин преку упатување силни пораки кон општеството и политичарите.