Стотина граѓани се собраа вечерва во црногорскиот град Никшиќ, пред православен храм, во знак на протест поради синоќешното усвојување на Законот за слобода на вероисповед во парламентот.
Притоа се случи судир на граѓаните со полицијата, објави „Вијести“ на својата интернет-страница.
Полицијата во судирот употребила пендреци.
Во близина на храмот Св. Василиј има голем број полициски возила, а според информациите, сè повеќе луѓе пристигнуваат на протестот.
Иако црногорските власти тврдат дека не станува збор ниту за напад на СПЦ и дека имотот на српската црква не е доведен во никаква опасност, според српските медиуми е сè поизвесно дека официјална Подгорица со законот ќе добие можност да стави рака врз светостите на СПЦ во Црна Гора, меѓу кои и на Острог. Како спорни, пред сè, се издвојуваат членовите 52 и 53 од Законот за слобода на вероисповед.
Членот 52 вели дека сите верски објекти кои биле во државна сопственост до 1 декември во 1918 година, повторно се враќаат во државна сопственост.
Членот 53, пак, вели дека „органот на управување надлежен за работи со имотот е должен во рок од една година од денот на стапување во сила на законот да ги утврди верските објекти и земјиште, кои според член 52 се државна сопственост, да изврши попис и поднесе барање за упис на правото на државна сопственост на тие недвижности во Катастарот“.