Во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се одржа редовна седница на Советот за безбедност.
На првиот дел од седницата на Советот за безбедност, како што велат од кабинетот на Пендаровски, се разгледуваат тековни прашања од интерес на безбедноста на државата. Покрај членовите на Советот за безбедност, во првиот дел присуствуваат и Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу, директор на Агенција за разузнавање, Зоран Ангеловски, директор на Оперативно-техничката агенција, и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.
– Во вториот дел на седницата на Советот за безбедност, кој ќе биде посветен на проблемот со аерозагадувањето, покрај членовите на советот, ќе учествуваат и претставници на здружените граѓански иницијативи и организации, кои во изминатиот период одржаа средба со претседателот Пендаровски во однос на заштитата на животната средина, а преку писмо дадоа предлози и иницијативи за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено. Во вториот дел од седницата ќе учествуваат и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање и Фејзула Спахија, директор на Државниот инспекторат за животна средина – се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.