Македонија настапи со две селекции на меѓународниот кадетски турнир во организација на РФМ, како подготовка за Шампионатот на ЕХФ в година во Скопје
Без победник (22-22) заврши дербито меѓу двете кадетски ракометни репрезентации на Македонија, а со тој меч заврши и вториот меѓународен турнир што изминативе четири дена се играше во салата „Автокоманда“ во Скопје, во организација на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Со скор од четири победи на четири меча, селекцијата на Србија го освои турнирот. Со две победи и по едно реми и пораз, Б-селекцијата на Македонија го освои второто место, а А-тимот забележа по една победа и реми и два пораза и заврши како четвртопласиран. Третата позиција на турнирот ѝ припадна на селекцијата на Босна и Херцеговина, која оствари ефект од по две победи и порази, а последнопласирана е репрезентацијата на Бугарија без освоен бод.
– Во изминатите четири дена имавме одлична можност да ги видиме квалитетот и капацитетот на ракометарите од генерацијата 2002/2003. Ме радува тоа што успеавме да направиме две селекции, еднакво квалитетни, но различни според физичките карактеристики. А-тимот беше формиран од повисоки играчи со европски стандарди, а во Б-тимот беа пониски играчи со одлични индивидуални способности, кои сериозно се наметнаа со својата борбеност. И двете селекции покажаа свои предности и недостатоци. Следуваат анализи на играта, отстранување на недостатоците во играта и формирање на идеалната селекција, која ќе одговори на предизвиците и противниците на шампионатот на ЕХФ в година – изјави селекторот на сениорската ракометна репрезентација и координатор на сите младински селекции, Данило Брестовац.
Пред оваа генерација ракометари стои предизвикот за освојување на шампионатот на ЕХФ од дивизијата Б, на кој домаќин ќе биде Македонија.
– Со оглед на тоа што резултатот на овој турнир беше ставен во втор план, за сметка на вклучувањето на што повеќе играчи во ротација и согледување на нивните можности и квалитети, играта беше во рамките на нашите очекувања. Видовме со што располагаме во овој момент и продолжуваме со реализација на поставениот план.
Очигледно е дека имаме квалитет, но ќе мора уште повеќе да се поработи за подобар напредок, составување и уигрувањето на тимот. Посочивме на секој од играчите дека и надвор од клубовите и од репрезентацијата мора повеќе индивидуално да вложуваат во себе за да го забрзаат и подобрат својот напредок и да бидат подготвени во целост да одговорат на поставените задачи – рече селекторот Никола Матлиевски.
Со триумф на шампионатот, македонските млади машки селекции би се искачиле едно скалило погоре, во дивизијата А, и би имале можност за учество во квалификациите за пласман на светските првенства.
– Во продолжението од сезоната се предвидени уште неколку подготвителни собири на овие две селекции, како и учество на турнири, за да стекнат што поголемо меѓународно искуство преку силни натпревари, да го надградат својот квалитет и да имаме што појасна слика за формирање на тимот што ќе ја претставува Македонија на шампионатот – рече Матлиевски.