Со богата програма што почна на 28 ноември, а завршува утревечер, со досега над 6.000 посетители, 70 музички состави, 150 работници во културата од целиот свет, фестивалот „Таксират“ влезе во големото финале, каде што бројките ќе станат петцифрени.
Вечерва, од 20 до 5 часот наутро, во спортски центар „Борис Трајковски“, во Скопје, ќе се одржи главната вечер на „Таксират 2019“, каде што ќе настапат 15 изведувачи на три различни сцени. Премиерен настап во Македонија ќе имаат британските бејс-продуценти и херои на електронската сцена „Чејс енд статус“, авторите на светски познатиот хит „Young Folks“, Питер Бјорн и Џон.
По шест години, најголемиот хипхоп-колектив од Србија, „Београдски синдикат“ се враќа на „Таксират“ со ветување за уште еден енергичен настап. Легендите од Дорќол ќе бидат тука да ги пренесат своите гласни пораки без забранети теми. Со прв настап во Скопје се потпишува и легендарниот хрватски рапер Војко В, добитник на три награди „порин“ годинава.
Љубителите на ска-панкот и на бендот што годинава слави четврт век, „Суперхикс“ ќе настапат на „Таксират“ со најполн состав и со најголемите хитови. По четири години од последниот настап, етнометал-бендот „Верка“ со нивниот микс на традиционалното и текстовите на наш јазик, ќе ја отворат главната вечер на „Таксират“.
Втората фестивалска бина на едно место ќе ги собере најголемите трап-артисти од домашната и од регионалната сцена: „Клинац“, „Принцес донатсу“, „Бунтаи“, „Донплеја“, „Кукуш клан“… а тука е и трета бина – „Сајлент диско“ каде што со повеќечасовни сетови ќе настапат два диџеја: Чарли и Мартин од Антена 5.
Легендарниот андерграунд и техно-диџеј, Свен Ват утревечер во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го затвори годинашното издание на „Таксират“. Таткото на рејверските забави, познат и како Папа Свен, исклучиво на грамофони ќе ја изведе својата магија со целовечерен сет пред македонската публика.
Билети за двете фестивалски вечери се достапни во продажната мрежа на „МкТикетс“ по цена од 500 денари. На врата цената на влезниците ќе чини 800 денари.