Франција се соочува со блокада откако милиони работници во образованието, транспортниот систем, полицијата, правосудството и болничкиот персонал вчера стапија во генерален штрајк, протестирајќи поради најавените пензиски реформи.
Штрајкот ќе биде најголем во изминатите неколку години и се очекува да предизвика големи проблеми во секојдневниот живот на француските граѓани.
Причина за масовните протести, кои ги обединија различните синдикати во земјата, е реформата во пензискиот систем предложена од претседателот Емануел Макрон, со која е предвидено да се зголеми возраста кога работниците би можеле да се пензионираат, или да се соочат со пониски пензии. Според најновите анкети, дури 69 проценти од испитаниците го поддржуваат штрајкот, а најголема поддршка има кај граѓаните на возраст помеѓу 18 и 34 години.
Министерот за внатрешни работи Крисоф Кастане порача дека очекува 250 демонстрации низ земјата, а постои опасност некои од нив да бидат и насилни.