Минск – Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги демантираше информациите дека неговата земја би можела да се обедини со Русија. Лукашенко порача дека никогаш не барале и никогаш нема да бараат да станат дел од некоја земја, дури ни од братска Русија. Медиумите шпекулираа дека Белорусија би можела да се обедини со соседна Русија и да формира нова земја, која би му овозможила на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да биде претседател по истекувањето на мандатот во 2024 година. Двете земји веќе имаат релативно отворена граница и заедничка трговска зона.

Москва – Руската полиција уапсила едно лица, кое во близината на руско-финската граница изградило лажен граничен премин, за да ги измами мигрантите, на кои им ветил дека може да ги пренесе во Европската Унија. Неименуваниот маж им наплатил по 10.000 евра на четири лица од јужна Азија, за да ги однесе до Финска, која е членка на ЕУ. Тој инсталирал лажна ограда, која требало да ја означува државната граница меѓу Русија и Финска, па ја возел со автомобил групата економски илегални мигранти во обиколка на регионот Виборг.

Њујорк – Федерика Могерини, поранешната високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, доби нова функција во Обединетите нации. Могерини ќе копретседава со новата комисија за прашања на внатрешно раселените лица. Таа беше именувана од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и ќе биде дел од новиот тим за внатрешно раселените лица, составен од осум члена.

Вашингтон – Американската сенаторка Камала Харис се откажа од номинацијата за демократска кандидатура на претседателските избори во 2020 година. Во соопштение на Твитер, Харис порача дека ќе направи сè што е во нејзина моќ за да се порази Доналд Трамп. Како причина за повлекувањето, таа ја наведе финансиската преоптовареност на нејзината предизборна кампања.