Впечатливата црна опрема што Серена Вилијамс (36) ја носи на гранслем-турнирот „Ролан Гарос“ не е моден тренд, туку потреба поради медицински причини, како што откри американската тенисерка. Припиениот едноделен костум е дизајниран за да ја спречи појавата на згрутчување на крвта.
Но, опремата ги симболизира самодовербата и сопственото вреднување на 23-кратната гранслем-шампионка, која се врати на белиот спорт девет месеци по породувањето.
– Опремата ги претставува сите жени кои издржале психички и физички тежок период, и се опоравиле, со што имаат самодоверба и веруваат во себе. Сметам дека ова е прилика за инспирација на жените и на децата – објасни Вилијамс.
Медиумите потсетија дека американската тенисерка носела сличен „костум на мачка“ на „САД опен“ во 2002 година, додека Вилијамс порача дека опремата има сличности со филмскиот хит „Црниот пантер“.
– Опремата е дизајнирана пред да излезе филмот, но јас велам дека тоа е мојот костум испириран од Ваканда (фиктивна африканска држава од филмот „Црн пантер“ – н.з.). Се чувствувам како принцеза-воин кога го носам – кажа Вилијамс.
Американската тенисерка утре ќе се соочи со Австралијката Ешли Бартли во второто коло на „Роланд гарос“, откако беше поуспешна од Чехинката Кристина Плишкова во првата рунда со 2-0 во сетови.