Светскиот шаховски првак Магнус Карлсен е вешт и со фудбалската топка

Норвежанецот импресионира со својата игра во забрзан шах, а по девет кола тој убедливо славеше со 7,5 поени во серијата гранпри-турнири, во Индија, каде што пред почетокот на една партија ги покажа и своите вештини со фудбалска топка

Магнус Карлсен не престанува да импресионира и надвор од шаховските сали. Тој, заедно со поранешниот светски првак Индиецот Вишванатан Ананд, го отвори и го следеше натпреварот во крикет помеѓу Индија и Бангладеш. По 4-то и 5-то коло на турнирот во забрзан шах од гранпри-серијата, кој е во тек, тој се забавуваше на терасата од Националната библиотека во Колката, каде што се игра турнирот во забрзан и во брз шах помеѓу 10 врвни шахисти на денешницата и барем засега игра величествено.

Карлсен не сакал да прошета по прометните улици на Колката, туку останал во Националната библиотека. Во рамките на библиотеката има чисти и зелени простории каде што можел да земе свеж воздух, но нему, сепак му требало нешто поенергично, пред дуелот со Холанѓанецот Аниш Гири (кого потоа и го победи), па решил да игра фудбал, оти многу го сака спортот.

Жонглирал со топката, потоа се облекол и следен од многубројните новинари заминал во турнирската сала, за разлика од преостанатите шахисти, кои се подготвувале во своите соби за следната партија. Карлсен не морал да се придржува кон утврдените норми. Тој бил слободен да стори сѐ што сметал дека е исправно, и тоа го сторил. Но Карлсен го врзуваат и убави спомени за Индија. Пред шест години токму во индискиот град Ченаи тој стана светски првак, победувајќи го Анад со 6,5-3,5.

Карлсен импресионира со својата игра во забрзан шах (двапати по 25 минути, плус 10 секунди за секој потег). По девет кола во три дена тој убедливо победи со 7,5 поени, ремизирајќи само во три партии. Следуваат Накамура (5,5), Со, Аронијан и Гири (сите со по 4,5), Харикришна, Динг и Ананд (сите со по четири), Непомнијашчи (3,5) и Гурјати (три). Останува уште да се одигра турнирот во брз шах (18 кола) во два дена (со време за размислување од двапати по пет минути, плус три секунди за секој потег.), по што ќе се знае конечниот победник на турнирот. Во вкупниот пласман на годинашнава гранпри-серија, пак, по седум турнири убедливо води Карлсен (54,5 бода), пред Динг (37,8), Вашер-Лаграв (36,8), Аронијан (36,5) итн., од вкупно 12 шахисти. Финалниот турнир на кој ќе настапат четворицата најдобри се игра во Лондон (од 2 до 8 декември) во класичен, забрзан и брз шах. 


Светски првак игра во Втора лига!

Магнус Карлсен неодамна поднесе оставка во Норвешката шаховска федерација , но продолжи да игра во тамошната Втора лига за новоформираниот клуб Оферспил. Досега актуелниот светски првак одигра две партии против шахисти со околу 500 рејтинг-поени помалку и двапати победи, што не е никакво изненадување, иако партиите беа интересни за гледање, а и многу поучни за тоа како треба да се игра шах со послаби шахисти.