Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство од Скопје информира дека вчерашниот краток прекин на електричната енергија не ја загрозил состојбата на ниту едно од критичните новороденчиња во инкубатор.
– Ниту едно од овие новороденчиња не беше доведено во животнозагрозувачка состојба ниту пак, дојде до влошување на нивната првобитна здравствена состојба откако вчера попладне имаше краток прекин на електрична енергија – се наведува во соопштението на клиниката во кое се додава дека сите новороденчиња од одделението за интензивна нега и терапија се стабилни.
Од клиниката додаваат дека со брза реакција на службите, ситуацијата во најкус рок била ставена под контрола.
Напоменуваат дека на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство има повеќе механизми за заштита и безбедносен систем, а секој витален апарат е поврзан на УПС, опција која е во функција додека не се вклучи агрегатот.