Денес од печат излезе книгата на Наташа Диденко „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации во Македонија“ том 1. Оваа книга произлегува од повеќегодишните проучувања на темата којашто има значајно место во проучувањето на културната историја на Македонија.
Книгата има 281 страница, поседува 970 фусноти, низ кои се претставени научни резултати за една досега малку обработувана тема во нашата наука. Овој труд во целост ги задоволува научните критериуми и дава придонес за проучувањата на културната историја во Македонија.
– Оваа книга претставува прво досега монографско презентирање на историјатот на културно-уметничките друштва во Македонија, за чија што цел вложив огромен труд во собирање и обработка на материјали, врз чија основа направив реконструкција на оваа културна дејност во земјава до 1991 година – вели авторката Наташа Диденко.
Таа уште на почетокот ја дефинира тематиката, степенот на нејзината истраженост и застапеност во досегашните истражувања односно потребата на нивно посебно монографско претставување. Авторката на оваа книга ги елаборира музичката култура и значењето на фолклорот претставена низ сублимирани разгледувања на развојот и улогата на музичката култура низ историјата од античко време до создавањето на македонска држава. Во нејзиниот труд е обработен и историскиот контекст на јавната презентација и во тој контекст начинот и значењето на медиумската претставеност, времето и местото на изведба, како одраз на историските и културните прилики во Македонија.
Инаку Наташа Диденко е родена на 9 мај 1988 година во Скопје каде ги завршува сите степени од своето образование, за во 2011 година да ги заврши пост-дипломските студии на факултетот за музичка уметност во Скопје со просечна оцена 10. Диденко во 2017 година, ги завршува докторските студии на Инситутот за национална историја во Скопје, како прв доктор на науки во генерацијата со просечен успех 10 и се стекнува со звање Доктор по хуманистички науки-Културна историја. Покрај редовниот ангажман во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, таа е активна и на полето на музиката како музички изведувач-виолинист. Има одржано концерти во престижните европски градови како Берлин, Париз, Бремен, Марсеј, Софија, бележи настапи и во повеќето градови во земјава. Добитник е на повеќе награди и признанија на државни и меѓународни натпревари. Промоцијата на оваа книга ќе се случи кон крајот на месецов во главниот град.
З.А.