На една од најстарите спортски манифестации во Македонија (од утре до сабота во СЦ „Борис Трајковски“) ќе настапат боксери од Србија, Словенија, БиХ, Романија, Албанија, Косово, Бугарија и од Македонија, информира секретарот на БФМ, Бранко Илиевски
Годинашниот, 49-ти боксерски турнир „Златен гонг“, со кој се слават 50 години од првиот, ќе се одржи од утре до сабота во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“. На една од најстарите спортски манифестации во Македонија (првиот „Гонг“ е одржан во 1969 година), ќе настапат боксери од Србија, Словенија, БиХ, Романија, Албанија, Косово, Бугарија и од Македонија, информира секретарот на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), Бранко Илиевски.
Утре се четвртфиналните, в петок полуфиналните, а в сабота од 15 часот и финалните борби (пренос МТВ). Македонија, предводена од новиот селектор, Кубанецот Хесус Сојет, се очекува да настапи со четворица боксери. Романскиот боксер Димитру Вицол (категорија до 75 кг) е освојувач на ланскиот „Златен гонг“ и наедно прв Романец носител на ова признание.
– Оваа боксерска манифестација е една од најстарите во Европа, па затоа и понатаму треба да се негува. Почетокот беше неизвесен, а потоа сѐ беше полесно, благодарение на Георги Ајановски и Живко Дуковски со тим ентузијасти, кои успеаја да го претворат „Гонгот“ од обична во врвна боксерска приредба. На него љубителите на боксот можеа да ги видат познатите боксерски имиња, како што беа Русевски, Бенеш, браќата Качар, Вујковиќ, Парлов, Белиќ, Јакупи, Реџеповски, Мумин, Димовски… „Гонгот“ е манифестација со која се гордееме сите – напиша, меѓу другото, за „Златниот гонг“ истакнатиот спортски новинар Зоран Михајлов, во својот серијал за македонските спортски легенди на страниците на „Нова Македонија“.