Предметите на СЈО не се одлагаа поради вина на судот, туку поради странките во постапката и периодот за овластувања на специјалните јавни обвинители. Ова го изјави претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев пред новинарите, и рече дека судот ги прави сите напори со постојната бројка на судии и поротници правдата да биде брза.
Џолев рече дека во судот има 24 високопрофилни случаи, од кои, 22 се на СЈО.
– Судиите имаа насорчено рочишта. Тоа не е по вина на судот. Обвинителите во тоа време специјални, тие предмети бараа да се одложат поради овластувањата. Секој судија е независен. Ние разговараме постојано. Јас барам од судиите да ги убрзаат постапките што се од интерес на јавноста. Тоа секако не по секоја цена – рече Џолев.
Тој додаде и дека проблем е тоа што на помошниците судии, Судскиот совет им дава негативни оценки зашто наместо да ги судат нивните предмети, тие се помошници во други постапки. Претседателот на судот го спомна и проблемот со поротниците. Рече дека онаму каде што има поголеми предмети се трудат и поставуваат дополнителни поротници за секој случај. Истекот на 90 дена, како што кажа Џолев, значи дека судењето формално почнува од почеток со читање на записниците од претходните одржани рочишта. „Тортура“ е еден од предметите, каде што поради смена на поротничката, сите сведоци ќе мора одново да сведочат.