Утревечер во 19 часот во Музеј-галерија Кавадарци во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ ќе биде отворена изложба на фотографии под наслов „Прага интима“ на Влатко Деков. Изложбата е личен интимен портрет на еден од најубавите градови и магични места во светот, Прага. На трагите на она што го работеше познатиот чешки фотограф Јосеф Судек „Прага интима“ ги доловува скриените вонвременски делови на градот најчесто без присуство на луѓе. Проектот е работен две години, период во кој авторот ја посетува Прага повеќе пати, живее и ја фотографира во текот на летниот и зимскиот период.

Интересот на Влатко Деков за фотографија трае долго време но таа станува негова вистинска пасија пред нешто повеќе од четири години. Најпрво започнува да се занимава со концертна фотографија со што ги спојува неговите две љубови музиката и фотографијата но веднаш потоа главен интерес му станува уличната фотографија, односно сето она што се случува на улица, плажа или друг јавен простор. За него улицата е најдобро студио. Често патува и тоа му овозможува да фотографира разни култури и предели. Во последно време негов интерес е минималистичката, социјалната и арт фотографијата. Негови фотографии досега објавувале повеќе специјализирани магазини и веб портали за фотографиа и култура. Влатко Деков има учествувано на повеќе групни изложби и има отворена една самостојна изложба.

Ми.М.