Наспроти многуте експертски укажувања дека со Преспанскиот договор се прекршени редица меѓународни правни акти, а притоа се направени и многу дискутабилни уставни и правни преседани, се наметнува и дилемата може ли сега што било да се коригира и промени или и овој пат Преспанскиот договор ќе послужи главно како алатка за евтин политичко-партиски популизам во пресрет на изборите и по француското „не“ за Македонија
Нервозата и конфузијата што завладеаја на македонската политичка сцена, предизвикани од категоричното француско „не“ за датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, сѐ повеќе создаваат ситуации во кои државни функционери даваат бомбастични изјави од кои набргу ретерираат.
Си чини како сега фокусот повторно да е насочен кон Преспанскиот договор со Грција, кој беше главниот адут на македонската влада за започнување на преговорите за евроинтеграција, но по дебаклот во врска со датумот, како драстично да се намалува неговата политичка пазарна вредност. Односно, со примената на политичкиот опортунизам, неговата адутска вредност сега се преиначува и менува со пласирање тези за негово повлекување, или барем „замрзнување“
Со други зборови, по француското „не“, Преспанскиот договор како да им станува товар на домашните политичари, од кој настојуваат елегантно да се ослободат во пресрет на најавените избори во април идната година.
Откако беше постигната консензуална согласност на лидерската средба кај претседателот Пендаровски за распишување предвремени парламентарни избори, опозицијата уште веднаш почна да кокетира со темите за предизборна кампања, а токму ревидирањето на Преспанскиот договор го навести како носечко изборно ветување. По тоа, и премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров изразија иницијатива за замрзнување, па и преиспитување на целиот овој проект и договор, за кој претходно се велеше дека е историско достигнување, кое заслужува дури и Нобелова награда. Имено, во интервју за „Еуроњуз“, премиерот Зоран Заев првично кажа дека одложувањето на почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија го става во опасност Преспанскиот договор.
– Поточно, ова значи дека деловите за внатрешна употреба на новото име Северна Македонија ќе бидат блокирани и нема да бидат применливи. Некои членови ќе бидат замрзнати, бидејќи не може да се спроведат. Ние ќе се обидеме да ги спроведеме, но и двете работи се поврзани – рече Заев.
Сепак, по грчките предупредувања дека Македонија мора да го почитува и применува Преспанскиот договор (иако очигледно Грција не ги спроведува своите обврски од тој договор), премиерот Заев дообјасни дека „замрзнувањето на делови од Преспанскиот договор е можеби претежок збор“.
– Не бев тука, бев во Рим и во Брисел, но вчера видов реакции дури и од грчката страна. Дефинитивно одиме со имплементација на Преспанскиот договор. Замрзнато можеби е претежок збор. Ние само велиме дека договорот мора да е стимулативен и за граѓаните. Успешно ги завршуваме сите забелешки што стигнаа од грчка страна, а некои од нив и сами ги утврдивме. А очекуваме и грчката страна да направи чекори што се нејзини обврски, како што е промената на таблите на пример. Да испратиме недвосмислена порака дека сакаме и со право овој договор да ја доживее својата иднина. Тој ни донесе нов пријател, со кој отвораме широка палета перспективи. Намерата беше да се испрати порака до ЕУ да водат грижа за тие поглавја и тие да се отворат што поскоро. Поглавјата и договорот се формалноправно врзани. Но, секако, Уставот е променет и ние го употребуваме името – се коригира Заев подоцна.
Од друга страна, останува фактот дека Преспанскиот договор не беше прифатен од страна на македонските граѓани на референдумот распишан по тој повод. Домашните и странски правни експерти постојано укажуваа дека со договорот и отстапките што ги направи Македонија се прекршени редица меѓународни правни акти и притоа се направени и многу дискутабилни уставни и правни преседани. Но може ли сега што било да се коригира и промени или и овој пат Преспанскиот договор ќе послужи главно како алатка за евтин политичко-партиски популизам во пресрет на изборите.
Домашните и светските правни експерти велат дека според Виенската конвенција постојат кредибилни правни аргументи за поништување на Преспанскиот договор. Професорот по меѓународно право Френсис Ентони Бојл на универзитетот „Илиноис“, САД, за „Нова Македонија“ уште кога беше изгласан Преспанскиот договор кажа дека, според Виенската конвенција, по повеќе основи може да биде оспорен.
– Имајќи ги предвид сите правни и политички контроверзии што го следеа Преспанскиот договор во Република Македонија, од неговото потпишување, преку неуспешниот референдум, начинот на кој е постигнато двотретинското мнозинство во парламентот и начинот на промулгација на Законот за ратификација на договорот, сметам дека може да се искористи членот 46 од Виенската конвенција за да се оспори договорот.
Значи, го нагласувам делот на евидентноста на кршењето на внатрешното право, и тоа во врска со одредби од фундаментално значење! Во конкретниот случај, јасно е дека повредите на националното право во Македонија биле „евидентни/видливи“ за Грција. А повредите на вашиот устав, секако, претставуваат „одредби со фундаментално значење“. Така, како прелиминарна оцена и без продлабочено анализирање на спецификите на вашиот случај, веднаш ми се наметнува заклучокот дека некоја идна влада би можела да го поништи договорот врз оваа правна основа, а во контекст на Виенската конвенција – смета професорот Бојл.
Повикувајќи се на Виенската конвенција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски исто така во интервју за странски медиум неодамна изјави дека постои можност за отповикување на Преспанскиот договор. Сепак, со оглед на предизборниот амбиент во Македонија, се претпоставува дека кокетирањето со поништувањето на Преспанскиот договор ќе се спроведува по принципот топло-ладно и за дневнополитички потреби. Но, од друга страна, домашни и странски аналитичари предупредуваат дека таквата предизборна игра со Преспанскиот договор е опасна за партии што претендираат да останат или да ја освојат власта, но и за сѐ уште незгаснатата надеж за продолжување на евроинтеграциите.
– Точно е дека во Преспанскиот договор спроведувањето на обврските е условено со просецот на пристапување во ЕУ. А и реалност во Македонија е дека се наближуваат изборите. Тие два факта, како и нервозата на граѓаните по недобивањето датум за почеток на преговорите им отвора простор на партиите, и од власта и од опозицијата, да кокетираат со понуди за замрзнување на Преспанскиот договор. Сепак, во преамбулата на Преспанскиот договор, до кој треба да се придржуваме, стои дека тој е за севкупна употреба. Со став 10 од членот 1 се одредува динамиката на неговото спроведување, а не се доведува во прашање неговото спроведување. Пред сѐ, одложувањето може да се примени во неменувањето на документите за внатрешна употреба: изводи од матични книги, лични карти… Во таква ситуација, партиите може да кокетираат со одложување на спроведувањето на Преспанскиот договор, но обврската останува – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Што може да се „замрзне“
Во членот 1, став 10 од Конечната спогодба меѓу Македонија и Грција се предвидени условите, односно фазите на имплементација на одредбите од Преспанскиот договор.
– Во однос на важноста на веќе постојните документи и материјали издадени од властите на Втората страна, страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“:
а) „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во членот 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.
б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали што се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали што се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш – се вели во членот 10.