ИОК пред две недели одлучи маратоните и трките во брзо одење, поради високите летни температури, наместо во Токио, да се одржат во Сапоро, оддалечен 800 км
Градските власти на Токио влегоа во јавна расправа со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за неговите планови направени, како што велат, без консултација со градот или со локалните организатори, за преселување на олимписките маратони 800 километри северно, во Сапоро, за да се избегне летната горештина во главниот град. Одлуката за промена на местото на одржување на маратоните и на трките во брзо одење, ИОК ја донесе пред две недели, размислувајќи пред сѐ за безбедноста на спортистите поради летната жештина во Токио.
Гувернерката на Токио, Јурико Коике, е лута поради тоа. Нејзините соработници велат дека не е потребна промена и го отворија прашањето за тоа кој ќе ги плати трошоците ако се оствари тоа, а и не исклучија тужба за наплата на штетите. Таро Ширато и Хироши Јамада, членови на политичката партија на Коике, на прес-конференцијата во Токио рекоа дека преместувањето на маратоните би чинело околу 310 милиони долари. Коике, која е една од највлијателните политичарки во Јапонија, вели дека немало консултации со неа за промената.
– Тие велат дека се грижат за спортистите, но се чини дека самите се ставаат во преден план. Имам чувство дека малку се размислувало за спортистите или за гледачите, кои со нетрпение ги очекуваат овие настани – вели Коике.
Во дописот на градската влада на Токио до „Асошиејтед прес“ се вели дека тие сакаат да видат „научен доказ“ за да се оправда промената на локацијата. Исто така, тие прашуваат дали некој друг град бил во комбинација освен Сапоро. Членот на ИОК, Џон Коутс, близок соработник на претседателот Томас Бах, вели дека ИОК нема намера да ги менува плановите. Јамада призна дека топлината е ризик. Тој рече дека Токио предложил стартот да биде во пет часот наутро. Минатата недела градските власти најавија дека се за тоа почетокот на трката да биде и во три часот. Процените се дека температурата би била 27 степени во пет часот, а во Сапоро 25,4 во седум часот.